ПОМАЛ БРОЈ УЧЕНИЦИ ОД МИНИМАЛНИОТ ИМА ВО 91 ПАРАЛЕЛКА ВО ВЕЛЕШКО, ВО ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО БУЗАЛКОВО УЧАТ ТРИ УЧЕНИЦИ

    ПОМАЛ БРОЈ УЧЕНИЦИ ОД МИНИМАЛНИОТ ИМА ВО 91 ПАРАЛЕЛКА ВО ВЕЛЕШКО, ВО ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО БУЗАЛКОВО УЧАТ ТРИ УЧЕНИЦИво средното училиште „Коле Неделковски“, пак, слободните 34 места за струките келнер и готвач биле пополнети уште на првиот уписен рок. (Фото: СДК.МК)

    Во Велешко, во седумте основни и четирите средни училишта, оваа учебна 2026/27 година има 91 паралелка со помал број ученици од минимално дозволениот. Бројката на паралелки со помал број ученици ја потврди Советот на Општина Велес.

    Во ОУ „Лирија“ во Бузалково, во трето одделение учат само три деца, што е најмалиот број ученици во една паралелка во Велешко.

    Во средното училиште „Димитрија Чуповски“, пак, во паралелка од прва година на струката месар-пекар запишани се само шест ученици. Доколку го завршат тригодишното образование, ним им е загарантирано вработување во две велешки компании кои имаат потреба од ваков кадар. За разлика од тоа, во средното училиште „Коле Неделковски“, слободните 34 места за струките келнер и готвач биле пополнети уште на првиот уписен рок. За овие струки со години има силен интерес меѓу завршените основци.

    Во училиштето во село Иванковци, заедно со подрачните школи, настава посетуваат најмал број ученици во Велешко, само 70. Таму сите 13 паралелки имаат помал број ученици од минималниот. Мал број ученици има и во подрачните училишта во селата Сојаклари и Отовица. Во Сојаклари има 15 ученици, додека во Отовица, до петто одделение, има само пет ученици. Најмногу паралелки со помал број ученици има во ОУ „Панко Брашнар“, 19. Дел од нив се во подрачните училишта во Башино Село и Караслари, со по три паралелки, а една е во село Чалошово.

    Проблем со намален број ученици има и во селата со албанско население. Во ОУ „Лирија“ во Бузалково има 18 паралелки, од кои десет се во подрачните училишта во селата Клуковец и Сливник, по пет во секое од нив. Двоцифрен број паралелки со помал број ученици – 16 – има и во ОУ „Свети Кирил и Методиј“. Од нив три се во подрачното училиште во село Црквино, каде што една комбинирана паралелка има седум ученици.

    Најмал број паралелки со број ученици под минималниот има во ОУ „Трајко Жинзифов“ во Горно Оризари, пет. Само четири вакви паралелки има во ОУ „Блаже Конески“, што е најмал број во Велешко.

    Во средното училиште „Коле Неделковски“, кое е државно, има една паралелка со помал број од минимумот од 25 ученици. Во Гимназијата и Хемиското училиште има по две, а во Економското училиште четири вакви паралелки.

    Од 1 септември во прво одделение во седумте велешки основни училишта требаше да тргнат 511 деца, колку што, според податоците со кои располага СВР Велес, биле родени во 2020 година. Тоа е за 40 првачиња помалку од лани. Од потенцијалните 511 првачиња кои годинава требаше да почнат да посетуваат настава во Велешко, на училиште тргнале 389. Тоа значи дека 122 деца не тргнале во прво одделение.

    Годинава во велешките основни училишта се бележи пад од 72 ученици, а во прво одделение има осум ученици помалку од лани. Во средното образование, пак, зголемен е вкупниот број ученици за 18, додека во прва година се запишани 70 ученици помалку.

    Во земјава, оваа учебна година има 433 паралелки помалку од лани, од кои 222 во основно и 211 во средно образование откако Министерството за образование реши да ги спои малите паралелки во една поголема. Вкупната бројка празни училишни објекти во земјава, претежно во руралните средини, изнесува 148.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира