СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ПРВАЧИЊА И НА ЗАПИШАНИ ВО ПРВА ГОДИНА ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ТЕТОВО

    СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ПРВАЧИЊА И НА ЗАПИШАНИ ВО ПРВА ГОДИНА ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ТЕТОВООваа бројка запишани ученици во прво одделение е помала во однос на минатата година, но само кај првачињата кои ја следат наставата на албански јазик. (Фото: СДК.МК)

    Во Општина Тетово во прво одделение се запишани вкупно 865 ученици, од кои 696 во настава на албански јазик, 154 на македонски јазик и 15 на турски јазик. Градоначалникот Билал Касами очекува со почетокот на оваа учебна година овој број уште малку да се зголеми.

    „Овој број се очекува да се зголеми со почетокот на новата учебна година, бидејќи очекуваме да се запишат и учениците кои сè уште не ја завршиле постапката за запишување“, вели Касами.

    Оваа бројка запишани ученици во прво одделение е помала во однос на минатата година, но само кај првачињата кои ја следат наставата на албански јазик. Тогаш во прво одделение во сите општинските основни училишта се запишале 778 првачиња на албански наставен јазик, 144 на македонски наставен јазик и 15 ученици во турски наставен јазик.

    Ништо подобра не е ниту состојбата за бројот на запишаните ученици во прва година во петте средни училишта кои се под ингеренција на Општина Тетово. Оваа година досега се запишани вкупно 1.280 ученици од кои 1.086 ученици на албански наставен јазик, 187 на македонски јазик и седум на турски јазик. Во минатата учебна година имаше запишано вкупно 1.347 ученици од кои 1.116 ученици на албански наставен јазик, 223 на македонски јазик и осум ученици на турски јазик.

    Градоначалникот Касами кажа дека од годинава наставата во една смена веќе целосно се одвива во две училишта, „Реџеп Вока“ во Шипковица и „Беса“ во Мала Речица. Исто така, наставата во една смена веќе се одвива и во училиштата во селата Гајре и Џепчиште, а најави дека се очекува во текот на 2027 година едносменска настава да се воведе и во училиштата во Порој и Лисец.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира