ПОМАЛКУ ОД ТРИ ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА КОРИСТАТ КОНТРАЦЕПЦИЈА

    ПОМАЛКУ ОД ТРИ ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА КОРИСТАТ КОНТРАЦЕПЦИЈАНа трибината за сексуално преносливо болести и контрацепција, гинекологот Владимир Трајковски кажа дека сексуално преносливите инфекции прилично се застапени кај младата популација. (Фото: СДК.МК)

    Само 1,6 проценти од младите до 29 години во Македонија користат орална контрацепција, односно анти-беби пилули, а помалку од 3 проценти од паровите користат какво било средство за модерна контрацепција. Овие податоци беа соопштени на трибината за сексуално преносливите инфекции и контрацепцијата што во организација на Асоцијација за здравствена едукација- ХЕРА и МКЦ се одржа денес во Битола.

    „Овие бројки укажуваат на недоволна информираност и на недоволен пристап до средства за контрацепција кај младите. Ние во нашата земја ги немаме сите контрацептивни средства, а и тие што ги има, не се на позитивна листа. Младиот човек треба да си ги плати, а сите знаеме каква е општата финансиска состојба во земјава. Укажува и на недоволна застапеност на функционални младински центри низ целата земја каде младите можат да се информираат и да добијат поддршка. И на крај на стравот од осуда и на срам, односно за стигмата која постои околу оваа тема за преносливите инфекции и контрацепцијата“, рече Андријана Папиќ-Манчева од ХЕРА.

    Само во Скопје има два младински центри отворени од ХЕРА кои нудат здравствено услуги за сексуално и репродуктивно здравје, бесплатно и доверливо 24/7 низ целата година. Такви центри нема низ другите градови во Македонија.

    Гинекологот Владимир Трајковски кажа дека сексуално преносливите инфекции прилично се застапени кај младата популација.

    „Предрасудите, односно недовербата тоа да се сподели со некого, а потоа правилно да се постапи, да се најде решение ако настанал проблем со пренос на инфекции кои можат да носат последици и понатаму во животот, тоа е најголемиот проблем. Тоа не се во права смисла болести, туку едни состојби кои потоа можат да повлечат една хронична состојба и на крај да носат последици и по репродуктивното здравје“, рече Трајковски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари