ПОМИНА И ТРЕТАТА ЗИМА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИЗГРАДБАТА, ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН ВО ШТИП ТАПКА ВО МЕСТО И ГО ОБРАСНУВА ТРЕВА

    ПОМИНА И ТРЕТАТА ЗИМА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИЗГРАДБАТА, ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН ВО ШТИП ТАПКА ВО МЕСТО И ГО ОБРАСНУВА ТРЕВАЗатворениот базен во Штип требаше да биде пуштен во употреба најдоцна во 2021 година. (Фото: СДК.МК )

    Помина и третата зима, а од помпезно најавуваниот затворен базен нема ништо, изградбата тапка во место и само го обраснува трева и е цел на крадци. Само првите неколку месеци се работеше на изградбата , но во последните 2,5 години локацијата е затворена и заградена, а внатре скапува лимениот монтажен објект кој според планот требаше да биде со внатрешен базен со должина од 25 метри и ширина од девет метри.

    Камен-темелникот беше поставен во февруари 2020 година, кога тогашниот градоначалник на Штип Благој Бочварски и тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски рекоа дека за оваа дамнешна желба на штипјани, централната власт и Општина Штип обезбедиле инвестиција од 600.000 евра и дека базенот ќе биде пуштен во употреба до крајот на истата година или евентуално, со сите пролонгирања на роковите, до крајот на 2021 година.

    Штипјани, а посебно спортските работници кои со години бараа Штип да има затворен базен им забележуваат и на двајцата како носители на државнички функции што досега немаат дадено објаснување што се случува со оваа инвестиција или одговор зошто повеќе од две години на локацијата ништо не се работи.

    Од Комисијата за спорт во Советот на Општина Штип велат дека ќе бараат одговори од Владата и од Агенцијата за млади спорт.

    „Со оглед на тоа што се поминати црвените линии повеќе нема толеранција затоа што сево ова се случува во нашиот град па мораме да бараме одговори од Владата и од Агенцијата за млади и спорт зошто поголем дел од инвестицијата е напразна и објектот во практика пропаѓа и во чии раце заминале досега потрошените народни пари“ вели претседателот на Комисијата за спорт во Советот на Општина Штип, Дејан Здравков.

    Реакции има и од Пливачкиот клуб „Челични“ од Штип кој веќе трета година го постира слоганот „Даваме целосна поддршка за зимскиот базен“, ама овие апели како што велат досега не допреле до инвеститорот.

    Базенот во Штип е дел од проектот што предвидуваше изградба на 14 такви типски базени низ државата со вкупна инвестициска вредност од 38 милиони евра, но досега Агенцијата за млади и спорт на управување на локалните власти го предаде само базенот во Тетово.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира