ПОПЛАВЕНИ ЈАГЛЕНОВИТЕ ОТКОПИ ВО РУДНИКОТ СУВОДОЛ НА РЕК, ПРЕКИНАТ ИСКОПОТ И ТРАНСПОРТОТ НА ЈАГЛЕН

    ПОПЛАВЕНИ ЈАГЛЕНОВИТЕ ОТКОПИ ВО РУДНИКОТ СУВОДОЛ НА РЕК, ПРЕКИНАТ ИСКОПОТ И ТРАНСПОРТОТ НА ЈАГЛЕНСпоред вработени, ваква елементарна непогода со интензивни и обилни врнежи од дожд во рудникот Суводол не е забележана во последните 20 години. (Фото: СДК.МК)

    Обилните врнежи од дожд во Битолско предизвикаа поплава на јагленовите откопни полиња во рудникот Суводол на РЕК Битола, соопштија од ЕСМ. Ископот и транспортот на јаглен се во прекин и од компанијата посочуваат дека се вложуваат натчовечки напори за санирање на состојбите.

    На терен се излезени генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, заедно со директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски, како и комплетното раководство на комбинатот и стручните служби на РЕК. Според вработени, ваква елементарна непогода со интензивни и обилни врнежи од дожд во рудникот Суводол не е забележана во последните 20 години.

    За состојбите во рудникот Суводол на РЕК Битола известена е Владата, како и Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Армијата на Република Северна Македонија.

    „Сите тие ги ставија своите ресурси на располагање за интервенција, доколку има потреба. И покрај елементарната непогода со која се соочува РЕК Битола, континуираното производство на електрична енергија од комбинатот засега не е е доведено во прашање и истото продолжува согласно планот и потребите на електроенергетскиот систем“, соопштија од ЕСМ.

    Слична е состојбата и во рудникот Брод-Гнеотино каде во моментов се копа кровна јаловина. Се преземаат напори и таму да се санираат штетите за да се подготви рудникот за дисконтинуиран ископ на јаглен на почетокот на септември, со цел да се добијат потребните колични за грејната сезона 2020/2021.

    Ова е трета поплава на рудникот Суводол во РЕК Битола во рок од два месеца.

    „Во сите активности што се преземаат за санација на последиците од обилните дождови, приоритет останува безбедноста на вработените, а потоа и опремата“, додаваат од ЕСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира