Поројните врнежи од дожд во Охрид и околината предизвика поплави во куќите, подрумите и дворовите. Дел од улиците синоќа беа непроодни, а неколку автомобили беа заглавени од огромната количина вода.
Граѓаните со лопати, вреќи и импровизирани брани се обидуваа да ја задржат надојдената вода и да го спасат својот дом и покуќнината. На терен интервенираа и екипите на јавните претпријатија со испумпување на водата, а се расчистуваат и свлечишта и одрони.
„Предизвикано е излевање на Коселска Река на повеќе локации, при што се поплавени куќи, дворови и јавни површини. Најкритична е состојбата на улицата ‘Гоце Делчев’ во близина на Здружението на возачи, како и на потегот кај селото Орман, кадешто е поплавена поголема површина“, изјави градоначалникот Кирил Пецаков.
Поплави се евидентирани и на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача.
На терен се ангажирани сите расположливи капацитети на општинските јавни претпријатија, а интервенциите се одвиваат со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици.
„Реагираме согласно состојбата на терен. Во текот на ноќта наврна огромно количество дожд – околу 60 литри на метар квадратен, што претставува сериозен предизвик во наредните 24 часа. Најголем проблем, без исклучок, создава Коселска Река, како и водата што доаѓа од Дебелополе преку каналите. Останатите јавни претпријатија и дел од Кризиниот штаб се распоредени од Билјанини Извори до Љубаништа, каде што има одрони и наноси од големите количини дожд, со цел тие да бидат расчистени. Дополнителен проблем има и кај Булеварот на потегот кај населбата Рача, на патниот правец кон Охрид, каде што има сериозно поплавување“, вели Пецаков.
За справување со настанатата состојба, денеска беше одржан состанок на Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид, на кој присуствуваа претставници од јавната администрација, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Охрид, јавните претпријатија, Противпожарната единица и другите надлежни институции. На состанокот беа мапирани критичните точки и беше изготвен план за итно дејствување и ангажирање дополнителни екипи на терен.
С. ВРЕНЦОВСКА



