Премиерот Заев неодамна изјави дека има интерес за продажба на дел од државните компании, при што ќе се понудат фирми, земјиште и капацитети, меѓу кои и зимскиот центар Попова Шапка.
„Во текот на следната година ќе објавиме јавен повик за доделување на Попова Шапка како скијачки центар во потполна приватизација или како јавно-приватно партнерство“, рече изминатава недела Крешник Бектеши, министерот за економија.
Оваа одлука наиде на одобрување кај туристичките работници, кои сметаат дека ова е добар потег.
„Ако се најде заинтересиран инвеститор, не треба да се губи време, бидејќи со нефункционирањето на Попова Шапка најмногу губи економијата. Само приватен инвеститор може да ги врати туристите на Шапка“, вели Ангел Иванов, еден од најискусните туристички работници во Македонија.
Наспроти ова, локалните експерти велат дека при евентуалната продажба на Попова Шапка треба многу да се внимава околу моделот што ќе се избере, за да не се повторат грешките што државата ги направи при продажбата на други слични објекти.
„За Попова Шапка, по мое мислење, најдобро би било да се примени докажаниот модел на Копаоник. Таму зад ски центарот целосно стои државата преку јасно одредување на визијата за развој и преземање на неговото управување во форма на ЈП ‘Скијалишта на Србија‘, со компетентни менаџерски кадри и соработка на локалните и други државни институции. Така се обезбедува избалансираност на сите сегменти, што е предуслов за одржлив развој на ски центарот како целина. Овој модел на Копаоник му обезбеди повеќедецениски развој, така што неговиот капацитет дојде до 20.000 скијачи, организација на Европски куп оваа сезона и најава за Светски куп во 2023. Истиот успешен модел го презеде и Јахорина пред четири години, постигнувајќи извонредни резултати со повеќекратен раст секоја година. Во спротивно, инсистирањето на продажба веројатно ќе заврши со продажба на некој богат инвеститор, на кого развојот нема и не може да му биде приоритет“, вели Жарго Трповски од скијачкиот клубот „Љуботен“ од Тетово.
Слично размислува и Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, која се бори за зачувување и унапредување на овој наш најголем зимски туристички центар.
„Најдобро решение за Попова Шапка е да се приватизира според принципот на јавно-приватно партнерство. Лошо ќе биде ако целата Попова Шапка му се даде на еден инвеститор. Тогаш лесно може да се случи она што му се случи на скијачкиот центар Кожуф. Тој се продаде, доаѓа друга власт и го блокира, па доаѓа трета власт која сака да го одблокира и така во недоглед. Затоа е најдобро и државата да има свој удел од Попова Шапка, пред сѐ, во инфраструктурниот дел, а менаџирањето да му се препушти на инвеститорот. Менаџирањето не може да ѝ се остави на државата, таа не знае да менаџира. Притоа мора да се внимава приватниот концесионер да добие концесија на неколку години, а не таа да биде во недоглед. Концесионерот треба да се следи периодично и да се оценуваат неговиот успех и квалитетот на менаџирањето. Исто така, треба да постои можност концесијата да се одземе ако не се управува добро и да се даде на друг“, вели Сулејмани.
Досега се направени три физибилити студии и секоја чинеше над 200.000 евра. Според последната, направена лани, како пожелен модел за приватизација е понуден моделот за јавно-приватно партнерство.
З. АНДОНОВ