ПОПОВА ШАПКА СТАНА ВЕРСКИ НАМЕСТО СКИ-ЦЕНТАР

    ПОПОВА ШАПКА СТАНА ВЕРСКИ НАМЕСТО СКИ-ЦЕНТАРВерници вчера дојдоа во манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ за да го прослават патрониот празник на манастирот. (Фото: СДК.МК)

    Попова Шапка деновиве живее со малку снег, но со расправии дали станува верски наместо зимски туристички центар. На брдото од лево се издига манастирскиот комплекс посветен на „Свети Наум Охридски Чудотворец“ со новопоставениот метален крст висок околу петнаесетина метри. Од другата страна, на соседното брдо веднаш до патот се издига џамија на четири катови со минаре високо над 20 метри.

    Верници вчера дојдоа во манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ за да го прослават патрониот празник на манастирот. Се отслужи литургијата, се пресече славскиот колач и се одредија кумовите за следната прослава.

    „Друго ништо не нé интересира. Не сакаме да навлегуваме во политички препукувања. Ние ги почитуваме другите вери, бараме и тие да ја почитуваат нашата“, рече еден од верниците.

    Иако вчера беше петок, главен ден за молитва, во џамијата не видовме верници, можеби дошле подоцна.

    Поразговаравме со еден сопственик на викендичка која се наоѓа веднаш до џамијата за тоа дали му пречи овој верски објект.

    „Не знам што да ви кажам. Како објект не ми пречи, секој има право на религија и религиски објекти, но она што вознемирува е силниот разглас преку кој пет пати на денот се пушта снимената молитва. Преку ден тоа и не е толку проблем, но кога силниот разглас кога ќе се чуе во 5 часот наутро, не е баш пријатно“, ни рече тој.

    Деновиве на металниот крст во манастирскиот двор беше поставено светло кое се пушта навечер. Неколку денови потоа, светло беше поставено и на минарето на џамијата. Во 12 часот напладне откај манастирот бие камбана, а од минарето на џамијата преку силен разглас се слуша снимена молитва од оџата.

    Така деновиве живее Попова Шапка, со малку снег, со малку посетители, но со многу расправии по социјалните мрежи за тоа кој верски објект е дивоградба, а кој има дозвола за градба, дали поставениот крст е дивоградба или урбана опрема, кој дозволил џамијата, која е дивоградба, да се изгради на државно земјиште.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира