Од денеска жителите на повеќето струшки села остануваат без превоз до Струга, откако превозниците го прекинаа сообраќајот поради неплатени долгови од страна на Општината. Прекинот доаѓа само една недела пред почетокот на учебната година, со што под знак прашалник е ставен и превозот на учениците од овие населени места до училиштата.
Превозниците бараат исплата на заостанатите долгови во рок од 15 дена, но и итна ревизија и корекција на цените по зони, согласно реалните економски услови. Велат дека барањата до Општината ги доставиле уште минатиот месец, но бидејќи досега не е постигнато решение, од денеска го прекинуваат превозот.
Тие посочуваат дека со години ја одржувале услугата и покрај нередовните исплати, практично финансирајќи го јавниот превоз со сопствени средства. Сепак, нагласуваат дека ваквата состојба повеќе не е одржлива.
Превозниците од Мороишта, Ложани и Радожда, пак, велат дека се откажуваат од вршење на превозот на патници и дека нема да продолжат со дејноста ниту по исплатата на заостанатите долгови, со што проблемот со превозот во овие населени места останува и понатаму отворен.
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, потврдува дека Општината има долгови кон превозниците, но вели дека тие се наследени од претходната локална власт.
Според него, долгот само за превозот на учениците во основните училишта изнесува 3.432.000 денари, односно околу 55 илјади евра.
„Барањето од нивна страна е да се исплати стариот, долгогодишен долг од 55 илјади евра. Плаќањата се реализираат етапно. Од моето доаѓање како градоначалник, од општинскиот буџет веќе се исплатени околу еден и пол милион денари“, вели Ќура.
Тој уверува дека Општината ќе ги подмири обврските, но во рок од два до три месеци, а не во рок од 15 дена, како што бараат превозниците.
Превозниците пак велат дека ваквиот предлог за нив е неприфатлив.
„Ние не можиме да издржиме уште еден месец а не пак три месеци да чекаме во ситуација кога е кренато горивото, резервните делови. Општината е должна на жителите да им обезбеди превоз. Има и повозрасни, има деца кои одат на училиште. Затоа мора да има решение сега“, вели еден од возачите на јавниот превоз.
Во меѓувреме, најголем револт кај родителите предизвикува фактот што прекинот на превозот се случува само една недела пред почетокот на учебната година. Тие стравуваат дека доколку во најкус можен рок не се најде решение, нивните деца ќе останат без организиран превоз до училиштата.
Родителите велат дека голем дел од нив немаат можност секојдневно сами да ги превезуваат децата до Струга, особено оние кои живеат во оддалечените села. Тие бараат Општината и превозниците итно да најдат решение, за проблемот со долговите да не се претвори во проблем за учениците и нивното редовно посетување на наставата.
За родителите, особено загрижувачки е што спорот се решава во последен момент, непосредно пред почетокот на учебната година, кога останува многу малку време за обезбедување каква било алтернатива.
Ќура уверува дека решение ќе има и дека учениците навремено ќе го добијат потребниот превоз за почетокот на учебната година.
С. ВРЕНЦОВСКА



