ПОРАДИ ГОЛЕМА СТРМНОСТ И ОСТАР СВИОК, КУМАНОВЦИ БЛОКИРААТ ИЗГРАДБА НА ПАТ ОД ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ

    ПОРАДИ ГОЛЕМА СТРМНОСТ И ОСТАР СВИОК, КУМАНОВЦИ БЛОКИРААТ ИЗГРАДБА НА ПАТ ОД ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕНајголем проблем е што свиокот на другата страна е под голем агол од 90 степени и тука нема да може да влезе и сврти камион, ни да дојде возило на пожарна, велат жителите на пармаковски ниви. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на кумановската населба Пармакови ниви денеска ја блокираа изградбата на новиот пат, кој е дел од железничкотострмно поврзување на пругата Куманово-Бељаковце, незадоволни од сообраќајното решение низ нивната населба. Тие протестираа затоа што дел од улицата и надвозникот кои поминуваат над пругата и ја поврзуваат населбата со Куманово се многу стрмни и со остра кривина, поради што сметаат дека немаат услови за безбедно движење.

    „Проблемот е што косината е многу голема. Ни велат дека е 12 отсто, а таа е над 50 отсто. Нема да можеме да излеземе со автомобилите ни кога е лето, а не во зима. Прв снег да падне со колата ќе паднеме на шините. Дополнително, нема тротоар и ограда, како ќе се движат пешаците, децата на училиште? Најголем проблем е што свиокот на другата страна е под голем агол од 90 степени и нема да може да влезе и сврти камион тука, ни возило на пожарна да дојде“, вели Милорад Илиевски, жител на населбата.

    Населбата Прамакови ниви е на еден километар од центарот на Куманово, и гравитира во делот каде што поминува трасата на пругата кон Бугарија. Изградбата на патот во должина од стотина метри и надвозник над пругата е заради безбедно движење на жителите, бидејќи стариот пат кој поминува преку шините ќе се затвори. Жителите велат дека очекувале со новото решение да добијат квалитетно поврзување, а не нов проблем. Тврдат дека немале увид во документацијата пред да почне да се гради, па дури сега кога увиделе дека проектот е на нивна штета побарале објаснување од изведувачите, но не добиле одговор.

    „Фирмата која работи на проектот денеска си ја повлече механизацијата. Не сакаат да ни кажат кој е проектантот и кој врши надзор. Ние бараме да се помести мостот и да се намали косината. Загрозена ни е безбедноста не можеме така да функционираме вака“, вели Стефан Кипријановски.

    Од Македонски железници-Инфраструктура велат дека тие работата на проектот согласно изработената документација која што е одобрена и ревидирана согласно со одобрението за градење, но подготвени се да најдат решение во делот на она што е технички возможно и во рамките на линијата на експропријација. Тие денеска се сретнале со дел од жителите и побарале да го прекинат протестот за да не трпи проектот.

    „Бидејќи се жалат дека патот е многу стрмен ќе направиме повторно преглед на документацијата да видиме да не е направн некој пропуст. На терен ќе излезе изведувачот и ќе направи ново геодетско снимање на патот на проблематичниот дел, по што ќе предложат техничко решение како би можеле да го ублажиме проблемот и да излеземе во пресрет на населението. Ние не сме тука за да правиме проблеми, туку да ги подобриме условите за живот на населението“, велат од ЈП Македонски железници-Инфраструктура, ги повикаа жителите на трпение.

    Во населбата живеаат околу 500 жители и велат дека тие немат ништо против изградбата на пругата, но ако не се прифатат нивните барања нема да дозволат да продолжат работите.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира