ПОРАДИ СТРУЈАТА ЖИЧНИЦАТА НА ПЕЛИСТЕР ВЧЕРА НЕ РАБОТЕШЕ, А ДЕНЕС ПАК ИМАШЕ ЗАСТОЈ

    ПОРАДИ СТРУЈАТА ЖИЧНИЦАТА НА ПЕЛИСТЕР ВЧЕРА НЕ РАБОТЕШЕ, А ДЕНЕС ПАК ИМАШЕ ЗАСТОЈОд ЕЛЕМ Турс денес за САКАМДАКАЖАМ.МК соопштија дека вчера имало прекин во напојувањето со струја не само за ски патеката, туку и за околните села, поради што ски центарот не бил во функција. (Фото: СДК.МК)

    На ски патеката „Копанки“ на Пелистер има снег, но жичницата поради прекин во струјното напојување вчера не работеше, а и денес имаше 30-минутен застој. Скијачи од Битола кои денес покрај целиот метеж успеаја да се искачат на Копанки, велат дека извесен период вон функција бил и ски лифтот.

    „Снег, сонце, а жичницата 30 минути не работеше, па се создадоа гужви. Воедно и ски лифтот не работеше. Сите чекавме снег зашто ски патеките не располагаат со вештачки, чекавме да дојде недела и се случи проблем со струјата. Сепак, се има разбирање зашто и жичницата и ски лифтот се постари и се вложуваат големи напори за да се одржат во работа“, велат скијачи од Битола.

    Директорот на хотелот „Молика“, Димитар Димитровски преку Фејсбук страницата на Ски центарот „Копанки“ соопшти дека вчера од 11 часот поради проблем со напојувањето на електричната енергија жичницата и ски лифтот не работеа. На сите оние кои купија билети им порача дека истите ќе можат да ги искористат во текот на денешниот ден.

    „Екипи на ЕВН работеа на терен и ја оспособија трасата до жичницата, но не и на ски лифтот. Продолжуваат со работа и се надеваме дека ќе се оспособи и трасата до ски лифтот“, напиша директорот.

    Од ЕЛЕМ Турс денес за САКАМДАКАЖАМ.МК соопштија дека вчера имало прекин во напојувањето со струја не само за ски патеката, туку и за околните села, поради што ски центарот не бил во функција. Потврдија дека и денес имало 30 минутен прекин во работата на жичницата и ски лифтот како резултат на вчерашниот дефект. Но, од таму велат дека сите проблеми се отстранети и ски патеката комплетно е ставена во функција.

    Бидејќи ски патеките на Пелистер не располагаат со топови за вештачки снег, сите битолчани одвај чекаат да падне природен. Тогаш сите патишта од градот, па и околните општини, во викенд водат на Пелистер. Денес таму имаше неколку стотици туристи, но патната инфраструктура и нејзиното одржување на можат да одговорат на ваквата фреквенција. Битолчани раскажуваат дека патот до ски центарот бил исчистен така што одвај можеле да се разминат две возила. Поради метежот настанале колони и застој во сообраќајот, па од пладне со полициска асистенција добар дел од возилата кои сакале да се качат на Пелистер биле вратени назад.

    „Можеше барем уште 50 сантиметри да се исчисти од страна насобраниот снег и се ќе беше проодно“, коментираат битолчани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари