ПОРАДИ ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ПОМОШТА ОД УСАИД, ШТИП СО СВОИ ПАРИ ЌЕ ГИ ДОИЗГРАДИ ПЛАНИРАНИТЕ ПОСТОЈКИ ЗА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

    ПОРАДИ ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ПОМОШТА ОД УСАИД, ШТИП СО СВОИ ПАРИ ЌЕ ГИ ДОИЗГРАДИ ПЛАНИРАНИТЕ ПОСТОЈКИ ЗА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗАвтобуски постојки ќе се постават на повеќе места во градот, а една ќе има и на влезот во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Општина Штип со свои пари набави нови автобуси и воведе јавен автобуски превоз, а со пари од програмата на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) започна да поставува современи постојки. Поставувањето на постојките прекина откако по одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп, американскиот Стејт Департмент на 24 јануари одлучи да ја замрзне распределбата на средствата за речиси целата американска помош во странство, меѓу кои и на агенцијата УСАИД.

    „Само што започнавме да го реализираме овој проект со помош на фондовите од програмата на УСАИД, по замрзнувањето на оваа програма од страна на новата администрација на САД, бевме приморани да го прекинеме проектот. Но, решивме тоа да биде за кратко време затоа што се договоривме планираните автобуски постојки да ги набавиме и поставиме со свои средства од билетите за јавниот превоз и од надоместокот за паркирање“, вели Панче Стефановски, директор на ЈП „Стипион“ во чија организација и стопанисување е јавниот автобуски превоз воведен пред две години.

    Поставените автобуски постојки се адаптирани за секакви временски прилики, имаат клупи и уредни табли со возен ред, а има и приклучок за полнење мобилни телефони.

    Од „Стипион“ најавуваат дека се планирани десеттина вакви постојки со истите карактеристики кои ќе бидат распоредени насекаде во градот, а една е планирана на влезот во Штип од правец на Скопје.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира