Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, Димче Арсовски и Марија Митева ќе бидат членови на новите управни одбори на дел од јавните претпријатија на Град Скопје. Според Предлог-одлуката за именување на нови членови, предложена од група советници, и која треба да се гласа на седницата на Советот на Град Скопје в среда, Наум Стоилковски е предложен за член на управниот одбор на ЈСП „Скопје“. Димче Арсовски и Марија Митева се предложени да бидат дел од управниот одбор на „Водовод и канализација“.
Поранешниот фудбалер Игор Кралевски ќе биде член на управен одбор на ЈП „Градски паркинг“.
На седницата, исто така, ќе се бираат и членови на управните и надзорните одбори и на културните институции под надлежност на Градот. За Младинскиот културен центар како член на УО се предлага актерката и поранешна директорка на Театар Комедија Јелена Жугиќ, како и раперот од „Пука козметика“ и кандидат за советник на Град Скопје од Левица Жарко Масларковски.
Новата градоначалничка Данела Арсовска постави нови директори на повеќето јавни претпријатија. Во културните институции уште не е сменет ниту еден директор.
A. АНТЕВСКА