ПОСЕТИТЕЛИТЕ СО ЃУБРЕ ГО УБИВААТ КОЛЕШИНСКИОТ ВОДОПАД, ОПШТИНА НОВО СЕЛО ИМА СЛУЖБИ, АМА НЕ КАЗНУВА

    ПОСЕТИТЕЛИТЕ СО ЃУБРЕ ГО УБИВААТ КОЛЕШИНСКИОТ ВОДОПАД, ОПШТИНА НОВО СЕЛО ИМА СЛУЖБИ, АМА НЕ КАЗНУВА

    Посетители  на Kолешинскиот Водопад  бараат екипите на општинското комунално претпријатие „Комуна“ од Ново Село континуирано да го собираат отпадот, но и да воведат редари и чувари кои ќе се грижат за чистотата на оваа природна реткост. Поради високите температури, деновиве посетеноста на водопадот е тројно зголемена.

    Но за жал, дел од посетителите оставаат купишта ѓубре кај водопадот. Околу малите корпи за отпадоци се гледаат остатоци од храна и расфлрена амбалажа од пијалоци.

    „Навистина не е во ред. Седелe, уживале и место да го соберат отпадот во најлонски кеси, го расфрлале до корпите за отпадоци. Општината и комуналното мора да се овде контуинирано не само да чистат, туку и да казнуваат оти вака не бива веќе. Жално е оваа убавина да биде грдосана со отпад. Виновни сме ние граѓаните, но и институциите“, реагираа дел од посетителите кои беа изненадени од  расфрланиот отпад.

    Директорот на „Комуна“ Наце Цеков не беше достапен да одговори дали ќе воведе редарски служби на Колешинскиот Водопад и дали ќе се превземат мерки за почесто собирање на отпадот (Фото: СДК.МК)

    Колешинскиот Водопад годишно го посетуваат над 50 илјади гости.

    Директорот на „Комуна“ Наце Цеков не беше достапен да одговори дали ќе воведе редарски служби на Колешинскиот Водопад и дали ќе се превземат мерки за почесто собирање на отпадот.

    За јавната чистота во општинското претпријатие „Комуна“, кое до неодамна беше без струја поради неплатен долг кон ЕВН, задолжени  се само 10-тина вработени кои го собираат отпадот од цела Општина Ново Село со еден камион и трактор. Вработените велат дека отпадот како од Колешинскиот така и од останатите водопади и природни реткости на Беласица се собира според утврдената динамика, па дури и за време на викендите и покрај застарениот возен парк за таа намена.

    Колешинскиот Водопад годишно го посетуваат над 50 илјади гости (Фото: СДК.МК)

    Велат дека еколошката свест на граѓаните и понатаму е на ниско ниво, бидејки посетителите ниту го собираат, ниту правилно го складираат отпадот во корпите туку го оставаат насекаде, по летниковците и клупите за одмор.

    Во Општина Ново Село има 16 населени места, и живеат над 11.000 жители. Градоначалник е Блажо Велков, а според официјалниот вебсајт на Општината, во администрацијата постои и Одделение за комунални работи и локален економски развој, во кое вработени се Aтанас Атанасов, советник-комунален инспектор, Сашко Андонов, соработник за чување и одржување на споменици на природата и Илија Баџуковски, самостоен референт-комунален редар. А постои и Одделение за просторно-урбанистичко планирање, градење и заштита на животната средина, во кое е вработена Магдалена Лазарова, помлад соработник за заштита на животната средина.

    Сепак, нема податоци дали и колкумина се казнети за загадување на природата и дали воопшто е организирана континуирана заштита на природата.

    Пристапот до Колешинскиот Водопад кој наскоро треба да биде осветлен е најлесен. Патот е асфалтиран на 500 метри од оваа природна реткост. Со природни материјали изградена е патека која има ограда. За гостите има мостови за гледање, летниковци и клупи за одмор. Поради својата специфичност и близината до Смоларскиот и Габровскиот Водопад, но и до Мокринските Извори, тие се провокација за многу странци, пред сѐ од Бугарија кои преку викендите доаѓаат организирано.

    В. ТРАЈКОВ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира