Спомен-костурницата во Велес е надворешно осветлена. После 30 години, кога осветлувањето на објектот однадвор беше прекинато поради оштетување на инсталацијата, таа повторно блесна на задоволство на велешани. Осветлени се и 187 скалила кои водат до монументалниот споменик посветен на паднатите борци и цивили од Велес и Велешко во Народноослободителната борба.
„Осветлувањето на Спомен-костурницата е извршено со помош на донации, поставени се неколку рефлектори и инсталација. Боите се црвена, сина и бела. Деновиве по повод Рациновите средби споменикот свети во црвена боја“, соопштија од Општина Велес.
Осветлувањето е дел од проектот на локалната власт за ревитализација на објектот. Преку Вардарскиот плански регион обезбедени се финансиски средства за партерно и хортикултурно уредување на просторот околу објектот.
Спомен-коструницата е отворена за посетители на 11 октовмри 1979. Нејзини автори се Саво Суготин (инженер архитект) и Љубомир Денковиќ (академски вајар) од Нови Сад. Во неа се наоѓа најголемиот мозаик во Македонија од 220 квадратни метри, дело на Петар Мазев.
П. ПЕЧКОВ