ПОСЛЕ ДЕВЕТ ДЕНА, ОТСТРАНЕТ ДЕФЕКТОТ НА ТЕТОВСКИОТ ВОДОВОД, ВОДАТА ЌЕ СЕ ПУШТА ПОСТЕПЕНО

    ПОСЛЕ ДЕВЕТ ДЕНА, ОТСТРАНЕТ ДЕФЕКТОТ НА ТЕТОВСКИОТ ВОДОВОД, ВОДАТА ЌЕ СЕ ПУШТА ПОСТЕПЕНОПри лизгање на земјиштето беа однесени водоводни цевки во должина од 60 метри (Фото: СДК.МК)

    Цели девет дена им беа потребни на тетовските комуналци да го отстранат големиот дефект кој се случи на водоводот со кој се зафаќа вода за пиење од месноста Лешница на Шар Планина. Тогаш, при лизгање на земјиштето беа однесени водоводни цевки во должина од 60 метри. Непристапниот терен не дозволуваше дефектот веднаш да се отстрани, па Тетово девет дена се соочуваше со повеќечасовни рестрикции на водата за пиење.

    „Со поставувањето на цевководот во должина од 60 метри и големина од фи-500, пуштени се првите 50 литри вода од новиот водоснабдителен систем. Во наредните 20 часа постепено ќе се пуштаат и дополнителни количини вода, за да не се преоптовари системот. Како што ќе пристигаат и зголемуваат количините вода во резервоарите и мрежата, ќе имаме основа и за намалување на рестрикциите. Овој водоснабдителен систем има и пречистителна станица, водата поминува преку соодветни филтри и безбедна и чиста стигнува до корисниците“, изјави Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод и канализација“.

    Екологистите и планинарите од Тетово вината за хаваријата ја гледаат во неконтролираното сечење на шумите и во прокопувањето на диви патеки низ цела Шар Планина. Овие патеки служат за пренесување на дрва од страна на дрвокрадците и како пристапни патишта за изградба на малите хидроцентрали на Шар Планина, а со тоа доаѓа до лизгање на земјиштето.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира