Потомците на битолското еврејско семејство Калдерон, кои беа разделени на три континенти Европа, Америка и Азија, денес се сретнаа во Битола на 75-годишината од депортацијата на битолските Евреи. Меѓу нив и Сара Ле Гутман Калдерон, ќерката на единствената Еврејка од Македонија Гита Алегра, која го преживеала Холокаустот во логорот Аушвиц. Гита починала во Израел, а на смртна постела посакала ќерка ѝ да ја посети Битола.
„Кога бев десетмесечно бебе со моите родители од Битола се преселивме за Израел. Денес живеам во Израел, но срцето ми е во Битола. Иако не растев во родниот град, растев со приказните за него, за Драгор, Bезистенот, шеталиштето. Моите родители беа вљубени во градот. Зборуваа еврејски, но кога ќе ни дојдеа гости дома во Израел меѓу себе комуницираа на македонски. Јас научив неколку зборови, но разбирам многу повеќе“, рече Сара Калдерон.
Нејзините родители побегнале од Битола ден пред депортацијата на Евреите во 1943. Ја минале грчката граница и се засолниле во Костур. Заедно со Гита бил и нејзиниот брат Шабтаи, многу музикален битолчанец кој свирел на храмоника. Пред заминување морал да се раздели и со инструментот и го дал на чување кај битолчанец.
„Tатко ми се придружи на партизаните, мајка ми со брат ѝ остана во Костур. Татко ми се обиде преку Езерото да дојде да ги земе со брод со уште еден човек, но германските офицери ги забележале и пукале на нив и не успеаја во намерата. Во 1944, Германците ги зедоа сите Евреи од Костур и ги однесоа Аушвиц. Мајка ми и брат ѝ беа одведени во Аушвуиц и други логори. На крај, од 1000 жени преживеаја само триесетина, кога Американците пристигнаа и ги ослободија“, вели Сара.
Нејзината мајка и вујко ѝ биле ставени во работните единици, така ја одбегнале смртта. Во јануари 1945 Аушвиц бил евакуиран. Мнозинството затвореници биле испратени на таканаречениот Марш на смртта, долг 50 километри на студено време под нулата, а затворениците биле во тенка облека. Од 60.000 затвореници живи останале само 15.000. Потоа, Гита била испратена и во други логори, на крај во Матхаузен, Австрија. Таму американската војска ја ослободила на втори мај, недела пред капитулацијата на Германија. И нејзиниот брат ја дочекал слободата, но изнемоштен починал два дена по ослободувањето од логорот во Германија.
„Мајка ми се врати во Битола, а тука беше татко ми. Се враќаше со воз и тогаш се видоа, еден за друг не знаеја дека се живи. Се зедоа, се родив јас и заминавме во Израел“, вели Сара.
По војната, на семејството битолчаните им ги вратиле хармониката на Шабтаи и палтото на дедо им Моше. Денес се изложени во Музеј во Израел посветен на Холокаустот. Имено, палтото на Моше Шами од Манастир, како што се води во Музејот, го сошил зимата 1943, но потоа се забранило Евреи да поседуваат топли палта, па тој бил прнуден да му го даде на битолчанец, а тој со тенка јакна бил испратен во логор во Бугарија.
Организатор на комеморативните активности по повод 11 Март е Општина Битола во соработка со Здружението АРХАМ, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА