Поплавени со вода се ресторанот и дуќаните на Милениумскиот крст на Водно во Скопје. Иако за изолација и санирање на овој проблем минатото раководство на ЈСП „Скопје“ склучи договор од околу 100.000 евра, проблемот не е решен, па при секој дожд објектите на крстот пливаат во вода.
ЈСП „Скопје“ на 23 јуни годинава склучи договор со Друштво за издавачка дејност, производство, трговија и услуги „Дитас ДООЕЛ“, кое за 5.719.000 денари требаше да изведе изолација на крстот, со цел да се реши проблемот со прокиснувањето. Од фирмата на терасата на ресторанот, бетонската подлога ја премачкале со мрсна боја, но тоа не го спречило протекнувањето.
Сопственикот кој го доби ресторанот иако го уредил не може да почне да работи оти постојано му протекува вода. Од водата направена е и штета, столбовите се испукани, внатрешната фасада се лупи. Проблеми имаат и сопствениците на дуќаните на приземјето на крстот. Нивните магацински простории каде ги чуваат храната и пијалоците пливаат во вода и мораат самите со пумпи да ја вадат.
„За изолацијата се потрошени околу 100.000 евра, а ништо не е заштитено, пак вода тече од сите страни. Поставена е изолација само на бетонската подога но столбовите или како што ние ги викаме 12-те апостоли не се заштитени. Ресторанот не може да се отвори, луѓето во дуќаните буквално пливаат во вода“, велат вработените на Милениумскиот крст на Водно, кој е под надлежност на ЈСП„Скопје“.
Новиот директор на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков вели дека веднаш дал налог овој проблем за кој се потрошени многу пари, а не е решен, да се санира.
„Ќе се постави заштита на столбовите и ќе се испитаат сите други места од каде што може да протекува водата. Сето ова ќе чини многу помалку отколку што досега е потрошено а ништо всушност не е сработено“ вели Чушков.
На крстот сè уште не работи ниту лифтот, иако се најавуваше дека ќе почне да работи уште пред една и пол година. Оградата на терасата на крстот е рѓосана, на делови оштетена. Околу крстот просторот не е хортикултурно уреден. Завршено е само осветлувањето на крстот, антикорозивната заштита на челичната констуркција и водоводот.
Реновирањето на Милениусмкиот крст почна во јуни 2015 година и тогаш беше најавено дека ќе заврши до март 2016 година. За реконструкцијата без дополнителниот договор за изолација се потрошени околу 1,2 милиони евра.
А АНТЕВСКА