ПОВЕЌЕ СООБРАЌАЈЦИ ВО ШПИЦОТ ЗА ДА СЕ РЕШИ МЕТЕЖОТ ВО ВЕЛЕС, БАРААТ СОВЕТНИЦИТЕ

    ПОВЕЌЕ СООБРАЌАЈЦИ ВО ШПИЦОТ ЗА ДА СЕ РЕШИ МЕТЕЖОТ ВО ВЕЛЕС, БАРААТ СОВЕТНИЦИТЕНајголема е гужвата околу 15 часот кај ОУ 'Блаже Конески' кога родителите ги земаат децата од школо. (Фото: СДК.МК)

    Сообраќајниот метеж пред Основното училиште „Блаже Конески“ во Велес е секојдневие. Така е со години, но не се преземат мерки за решавање. На последната седница на Советот на Општина Велес, советникот Марјан Николов побара реакција од сообраќајната полиција.

    „Околу 15ч во работните денови, кога родителите ги земаат децата од училиште кај ОУ ‘Блаже Конески’, се случува неверојатна гужва. Затоа е добро да апелирате до колегите кои се надлежни за сообраќајот, во тој период таму да има сообраќаец кој ќе го регулира сообраќајот. Истото се случува во пазарните денови на кружниот тек во центар, кај споменикот ‘Коњаникот’.Сметам дека во одредени делови на градот во одредени делови од денот потребно е сообраќаец да го регулира сообраќајот. Така ќе има поголемо циркулирање на автомобилите, да нема колони преку мостот“, кажа Николов.

    Оваа забелешка беше адресирана до Игор Јовановски, заменик командир на Полициската станица Велес, кој беше присутен како претставник на велешката полиција на разгледувањето на извештајот за нејзината работа.

    „Тоа е надлежност на Полициската станица за безбедност во сообраќајот. Перцепцијата кај граѓаните е дека е мало присуството на сообраќајци на овие места, школи, кружен тек. Наспроти ова, мислам дека е видливо присуството на сообраќајците, кои ги има по сообраќајниците низ градот секојдневно. Се преземаат акциски контроли за сите можни прекршувања на сообраќајните прописи, републички, локални. Има санкционирано 12 илјади сообраќајни прекршоци лани“, изјави Јовановски.

    Тој кажа дека оваа забелешка од советниците ќе биде пренесена на колегите од сообраќајната полиција.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира