ПОВРЕДЕНИ 15 ЛИЦА ВО НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ, НА 112 ПРИМЕНИ НАД 8.300 ПОВИЦИ

    ПОВРЕДЕНИ 15 ЛИЦА ВО НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ, НА 112 ПРИМЕНИ НАД 8.300 ПОВИЦИОД ЦУК велат дека ако веднаш не се воспостави контакт со 112, пријавите за материјални штети можат да ги пријавуваат и во текот на утрешниот ден, по што ќе бидат навремено евидентирани и проследени до надлежните служби; - Паднато дрво на велосипедско-пешачката патека на Илинденска. (Фото: СДК.МК)

    Петнаесет повредени лица се примени во две клиники по невремето што попладнето го зафати Скопје, од кои девет на Kлиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а шест на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

    Дебар Маало, веднаш по невремето (Фото: СДК.МК)

    Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва соопшти дека во периодот од 17:00 до 21:00 часот беа примени повеќе од 8.300 повици на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот.

    Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) објави дека невремето во Албанија и Косово во моментов се движи кон Македонија и дека ова невреме можно е да биде со поизразени врнежи, а не ветер. Во Скопје е можно ново невреме околу 23 часот вечерва.

    Паднато дрво пред основното училиште „Вера Циривири – Трена“  во Карпош 2, на улицата зад Машинскиот факултет (Фото: СДК.МК)

    Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски за МИА изјави дека од деветте повредени, две се со потешки повреди – една жена со повреда на глава е на Неврохирургија, а друга е со скршена рака.

    Повеќе десетици дрвја откорнати во градскиот парк – просторот помеѓу Градскиот стадион и стадионот на АРМ кадешто падна бината на која требаше да се одржи концерт на отворено на  британската пејачка Џес Стоун (Фото: СДК.МК)

    Шесте повредени кои се примени на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски”, како што изјави директорот д-р Небојша Настов, имаат посекотини и набиеници и се третираат амбулантски. Додаде дека тројца од повредените по амбулантскиот преглед, се пуштени дома, а тројца се во фаза на испитување.

    „Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди“, додаде д-р Настов.

    Директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски изјави дека кај нив не се примени повредени лица во невремето во Скопје, но е предизвикана огромна материјална штета во болницата. Кажа дека чекаат комплетен увид за да се утврди обемот на штетата.

    (Фото: СДК.МК)

    „Тоа ние денеска нема да го знаеме прецизно додека не излезе проценител на терен и не се направи официјален записник за штета од надлежните институции. Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција. Тоа е она што можам да го кажам од првичниот увид“, додаде д-р Стојаноски.

    Од корен откорнато дрво на крстосницата на влезот на Градскиот парк спроти седиштето на градската локална власт (Фото: СДК.МК)

    „Операторите на 112 работат во полн капацитет, а уште во првиот час беа ангажирани и дополнителни смени со цел да се одговори на зголемениот број повици. И во моментов сè уште има зголемен интензитет на повици од граѓаните, а сите примени пријави континуирано се процесуираат и се проследуваат до надлежните институции и служби. Ги замолуваме граѓаните за трпение и разбирање во услови на исклучително голем број повици. Доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со 112, пријавите за материјални штети можат да ги пријавуваат и во текот на утрешниот ден, по што истите ќе бидат навремено евидентирани и проследени до надлежните служби“, изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира