ПОВРЕДЕНИ ЧЕТВОРИЦА ПОЖАРНИКАРИ КОИ ГАСЕЛЕ ПОЖАР ВО ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ НА ПАТОТ КОН ПОПОВА ШАПКА

    ПОВРЕДЕНИ ЧЕТВОРИЦА ПОЖАРНИКАРИ КОИ ГАСЕЛЕ ПОЖАР ВО ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ НА ПАТОТ КОН ПОПОВА ШАПКАГолем темен облак од чад уште од изутрина се надви над Тетово и ги вознемири жителите. (Фото: СДК.МК)

    Четворица пожарникари се полесно повредени гасејќи го 4 часа големиот пожар кој изутринава избувна во деловно-продажен објект на патот кон Попова Шапка. Голем темен облак од чад уште од изутрина се надви над Тетово и предизвика голема вознемиреност кај граѓаните.

    „Интервениравме навреме и успеавме да го спасиме горниот дел од објектот. Гаснењето на пожарот одеше мошне тешко бидејќи имаше претежно дрвен материјал кој гореше, па огнот беше многу силен. Интервениравме со десет возила и огнот го гасневме речиси 4 часа. При гаснењето на пожарот четворица пожарникари се повредени, но за среќа станува збор за полесни повреди. На местото оставивме екипа да дежура поради превенција евентуално да не се повтори пожарот“, изјави Авни Амети, командир на Портивпожарната единица од Тетово.

    Освен овој пожар, тетовските пожарникари неколку дена интервенираат на запалената депонија кај село Добарце во близина на Групчин. Огнот на депонијата е изгаснат, но запалениот смет со денови тлее и испушта задушлив чад.

    „На запалената депонија во село Добарце нашите пожарникари постојано фрлаат вода, но тоа нема некој поголем ефект. И во овој случај, како и при неодамнешниот пожар на депонијата во Волковија, треба да се интервенира со механизација, односно депонијата да се затрупа со земја. Покрај ова, денеска имавме и уште две интервенции каде гасневме пожари на отворен простор во селата Челопек и Теарце. Оваа година во однос на минатата, имаме дури 100 пожари повеќе“, вели Амети.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира