ПОВТОРНО РЕСТРИКЦИИ НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВО

    ПОВТОРНО РЕСТРИКЦИИ НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВООд ЈКП Тетово велат дека се немоќни бидејќи поради зимскиот период и доцното топење на снегот приливот на вода во изворите и во овој период од годината драстично се намалени, додека пак последниве дождови уште повеќе ја усложнија состојбата со недостаток од вода за пиење. (Фото: СДК.МК)

    Тетово повторно има проблеми со недостаток од вода за пиење. Проблем кој е присутен не години, туку децении наназад. Во овие зимски и пролетни месеци штедроста на Шарските извори е многу намалена како и на дотокот на реката Пена од каде се зафаќа дел од водата, а сето ова најмногу го чувствуваат жителите на повисоките реони на градот: Колтук, Два Бреста, Горна чаршија. Вода во нивните чешми ретко доаѓа, а и кога ја има, тоа е само еден до два часови во денот и тоа во раните утрински часови.

    „Имам 62 години и од кога паметам имаме проблеми со водава. Секоја година е така. По цели денови до осум сабајле и после до четири Вода носиме од чешмата во црквата, некогаш мора да одиме и до Горна Чаршија за да наполниме од чешмата кај млинот. Не е тоа шише или две, треба да донесеш најмалку едно 50-60 литри вода дневно. Неодамна во маалово се запали куќа а ние вода да ја изгаснеме немавме“.

    „Без вода сме по цели денови. Вчера воопшто немавме, денес на кратко дојде и малку. Полниме шишиња, бокали, буриња, друго ништо не ни останува да правиме“

    „Не е само сега, со години е вака. Едно време имаше малку, па сега пак ја сопираат. Ајде нов водовод пуштија и пак истото. Мислат дека овде не живеат луѓе. Па така му доаѓа тоа. Еден ручек да направиш мора вода да има. Некни кога немаше три дена вода. Немаш вода ниту за готвење ниту за тоалет“.

    Вака се жалат на недостатокот од вода Ѕвонко Самојловски, Нада Стевческа и Ѓурадије Рамадани, жители на овие тетовски населби.
    Од ЈКП велат дека се немоќни бидејќи поради зимскиот период и доцното топење на снегот приливот на вода во изворите и во овој период од годината драстично се намалени, додека пак последниве дождови уште повеќе ја усложнија состојбата со недостаток од вода за пиење.

    „Во функција на водоснабдување на Тетово се два водоводи. Од Лешничкиот водоснабдителен систем добиваме 145 литри во секунда за ова време, додека Уливеричките и Вакувски извори на Шар Планина од 120 до 130 литри. Заедно со бунарите кои се активирани во овој дел од годината добиваме од 300 до 310 литри вода во секунда. Но, за жал од денес состојбата во водата за пиење во Тетово е дополнително влошена. Како резултат на обилните врнежи дожд кои паднаа овие денови, водата што доаѓа од зафатот кај Лешница претрпе загадување и поради тоа е запрен овој доток. Количината на вода што доаѓа од другите извори и бунарите е 260 литри во секунда и таа количина не е доволна за нормално снабдување на сите граѓани. Поради тоа, претпријатието одлучи од 23:00 до 03:00 часот наутро да има рестрикција на вода“, соопштуваат од ЈКП Тетово.

    Ваквиот режим на рестрикции ќе важи сé додека анализата на водата од изворот на Лешница не покаже дека водата е чиста и ги исполнува условите да биде пуштена во употреба, велат тетовските комуналци.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира