Голем пожар избувна на ридот над населбата Горно Оризари во Битола. Екипи на битолската Противпожарна единица, Јавното претпријатие Комуналец и жители од населбата се вклучени во гаснењето на пожарот. Огнот има зафатено голема шумска површина и гори на стотина метри до куќите кај населбата Горно Оризари.
„Пожарот избувна околу 12 часот во повисоките делови од ридот. Пожарната стигна, се собравме и жители од населбата и дел изгасивме. Но, огнот зафати голема површина. Гасневме со лопати. Ова е дел нискостеблеста, дел борова шума. Лани ја пошумивме и сега изгореа дрвцата“, вели битолчанецот Гоце Стојановски, жител на Долно Оризари.
Засега не се знае причината за пожарот, но жителите се жалат дека секое лето некој го потпалува ридот и шумата кој пред неколку години беше високостеблеста никако да се обнови.
Ж. ЗДРАВКОВСКА