Радовишкиот пожарникар кој во септември за својата свадба се послужи со противпожарно возило да оди по невеста со дозвола од неговиот командир, сега е фатен како во работно време вршел превоз на просветни работници, а командирот го покривал. Ова го откриле радовишките полицајци, откако на 20 октомври кај населбата Раклиш, при сообраќајна контрола, забележале дека Александар Кулашник, со униформа на пожарникар, превезувал наставници во комбе „Ивеко“, сопственост на фирмата на дедо му, а кога го прашале командирот Герасим Коцев каде е пожарникарот, им одговорил „овде на работа“.
При увидот во радовишката пожарна, одговорните констатирале дека во критичниот ден пожарникарот бил дежурен од 7 до 19 часот, а напуштањето на работното место командирот воопшто не го евидентирал. На овој принцип пожарникарот, според полицијата работел извесно време оти имал писмена согласност од претходниот градоначалник да работи дополнително и кај друг работодавач од 10 часа неделно за што од транспортната фирма добивал надомест од 3.000 денари, но неговото отсуство од работното време воопшто не било евидентирано.
„СВР Струмица преку надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш, до Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави за Г.К. (47) во својство на командир под сомневање дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата’’ и против А.К. (28) пожарникар за ‘злоупотреба на службената положба’’,’ изјави Хризантема Рендевска, портпарол на струмичката полиција.
Актуелниот градоначалник на Радовиш Герасим Конзулов ни изјави дека бил информиран за настаните и ќе превземе соодветни мерки откако истите ќе добијат правна завршница.
„Запознат сум со случувањата во радовишката пожарна и против командирот Коцев ќе бидат превземени соодветни мерки, не се исклучува и негово разрешување од таа позиција. Договорот што го имал пожарникарот Кулашник за дополнителна дејност ќе биде раскинат, оти не може додека е на работно место пожарникар да извршува друга работа надвор од работното место” , изјави за САКАМДАЖАМ.МК градоначалникот Конзулов.
Пожарникарот Кулашник се прослави откако на 17 септември си позајми противпожарно возило од единицата, донација од Англија, да оди по невестата како младоженец, а на социјалните мрежи беше објавена фотографија качен со развиорено знаме и накитено возило со машни. Тогаш командирот по социјалните мрежи линкуваше слична содржина од Хрватска со изговор дека не било ништо ново и ништо страшно.
За земањето противпожарно возило за приватни цели, радовишката полиција пет дена подоцна поднесе кривични пријави против командирот и раководителот на смена.