ПОЖАРОТ КОН КОСОВО ДЕНЕС ЌЕ БИДЕ ИЗГАСЕН, СКОПЈАНИ КОГА СЕ ЖАЛАТ ЗА ЧАДОТ НЕКА ПОМИСЛАТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ КОИ ГО ДИШАТ СЕКОЈ ДЕН, ВЕЛИ АНГЕЛОВ

    ПОЖАРОТ КОН КОСОВО ДЕНЕС ЌЕ БИДЕ ИЗГАСЕН, СКОПЈАНИ КОГА СЕ ЖАЛАТ ЗА ЧАДОТ НЕКА ПОМИСЛАТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ КОИ ГО ДИШАТ СЕКОЈ ДЕН, ВЕЛИ АНГЕЛОВСпоред Центарот за управување со кризи, до 7.30 часот регистрирани се вкупно 30 пожари на отворен простор, од кои 6 се активни, 5 се под контрола и 19 се изгаснати. (Фото: ЦУК)

    Пожарот од косовска страна навлезе и на македонска територија и неколку дена е сè уште активен. Од пожарот во повеќето скопски населби се чувствува силен мирис на чад и непријатна миризба.

    Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов вели дека овој пожар вчера е ставен делумно под контрола и денеска се очекува да биде изгаснат.

    „Кога ветрот е неповолен скопјани чувствуваат непријатен мирис кој доаѓа од чадот од овој пожар. Но, тогаш кога на граѓаните ќе им замириса чад од овој пожар нека помислат на сите пожарникари и сите доброволци и екипи кои учествуваат во гасењето и секојдневно се лице в лице со огнот“, рече Ангелов.

    На овој пожар, како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), полицискиот хеликоптер интервенираше и на територијата на Косово во реонот на Хани и Елезит, давајќи им поддршка на косовските екипи кои учествуваат во гасењето.

    Според ЦУК,  до 7.30 часот регистрирани се вкупно 30 пожари на отворен простор, од кои 6 се активни, 5 се под контрола и 19 се изгаснати.

    Активни пожари има во Општина Ѓорче Петров, село Грачани и село Никиштани – пожарот е активен и на територијата на Република Косово и гори шума.

    Во Општина Македонски Брод, село Белица, месност Кајорец гори нискостеблеста и мешана шума, пожари има и  Општина Чучер-Сандево, село Брест, Општина Кичево, село Кнежино и село Добреноец, Општина Кичево, село Тајмиште, место викано Дарда, а  во Општина Ново Село пожар има во село Стиниќ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира