ПОЖАРОТ ВО КАВАДАРЦИ Е СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ ВЕЛИ ДЕКА БИЛ ПОДМЕТНАТ

    ПОЖАРОТ ВО КАВАДАРЦИ Е СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ ВЕЛИ ДЕКА БИЛ ПОДМЕТНАТГрадоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев рече дека пожарот бил подметнат и оти од денеска ќе има патроли за да се спречат нови пожари. (Фото: ЦУК)

    Пожарот кој пред два дена изби во Кавадарци е ставен под контрола, кажа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Пожарот избил на непристапен предел и вчера се дејствувало со два „ер-трактора“ и два хеликоптера. Денеска на терен се три „ер-трактори“.

    Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев рече дека пожарот бил подметнат и оти од денеска ќе има патроли за да се спречат нови пожари.

    „Во 9 часот е пријавен пожар на локалитетот Раец, поточно на атарот во Раец кон Дреново и Чашанци. Во истиот момент избувнуваат пожари на 5 локации коишто еден од друг се оддалечени некаде по 500 до 700 метри. Очигледно е дека станува збор подметнат пожар. Се работеше до доцните ноќни часови, меѓутоа поради специфичноста на теренот, на којшто не може да се пристапи со пешадија, не успеавме вечерта да го санираме комплетно“, рече Јанчев.

    Тој кажа дека со два булдожера и два ровокопачи се трасирал пат за да можат пожарникарите да пристапат и  да се гаси пожарот покрај од воздух и од земја.

    Во пожарот нема штети, а не е зафатена ниту високостеблеста вегетација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира