Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ побара правда за убиеното улично куче Феникс на денешниот протест пред почетокот на судското рочиште за овој случај. Граѓаните пред Кривичен суд побараа правда за кучето Феликс кое, како што велат, било ѕверски убиено од скопјанецот Љубе Крстевски. Судењето е одложено за 13 март.
„Денеска е закажано првото рочиште по кривичната пријава која ја поднесовме против лицето кое ѕверски, со умисла, употреба на најголема сила и 10 удари со метална шипка по глава во заграден простор и без можност да се избави и спаси, удираше несреќно бездомно куче. До безсозание, со намера да оди до смрт за потоа со помош на друго лице да го врзе и фрли како да е предмет и најобично ѓубре. Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано, најкрвнички и со сета сила, без било кој да интервенира додека кучето урлика од болка и не можејќи да избега или се спаси.Ова немаше да го видиме, ова немаше да го дознаеме да не беше снимено“, велат од здружението и побараа најстроги казни.
По завршување на рочиштето, обвинетиот го напушти судот од задната врата, но по него тргнаа активистите кои му извикуваа ‘убиец‘. На Плоштадот Пресвета Богородица дојде возило на Брза помош во кое се качи обвинетиот.
Од „Анима мунди“ велат дека поднеле Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, премиерот Христијан Мицковски, министерот за правда Игор Филков и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, за внесување нови квалификувани форми на кривично дело мачење животни.
„Во нашата држава сведоци сме на фрапантни и секојдневни случаи на насилство врз животните, безумие и суровост, насилство кое неминовно ескалира, доколку не се препознае и казни соодветно. Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело“, додаваат од „Анима мунди“.
А. АНТЕВСКА