ПРАВИМЕ ТУРИ ЗА ДА УЖИВААТ, НО ТУРИСТИТЕ ЗАЕДНО СО НАС ГО СОБИРААТ ЃУБРЕТО, ВЕЛАТ ОД СУП КЛУБОТ ОХРИД

    ПРАВИМЕ ТУРИ ЗА ДА УЖИВААТ, НО ТУРИСТИТЕ ЗАЕДНО СО НАС ГО СОБИРААТ ЃУБРЕТО, ВЕЛАТ ОД СУП КЛУБОТ ОХРИДЗа првпат годинава на уникатен начин се чистеа плажите на Охридското Езеро на кои се пристигнуваше со суп-даски. (Фото: СУП клуб Охрид)

    Огромни количини отпад, облека, покуќнина па дури и делови од шпорет, пластика, стакло, амбалажи од храна и пијалоци, денеска беа собрани од охридската плажа Лабино и околните места достапни само по воден пат со акцијата за чистење на Охридското езеро организирана од членовите на СУП клубот Охрид. Несовесните граѓани успеале дури и корпите за отпад поставени на самата патека која води до плажата да ги откорнат и фрлат во вода.

    Петнаесеттина доброволци пријавени на повикот на социјалните мрежи ја изведоа еколошката акција „СУПер чистење со СУП даски“ меѓу кои и членовите на Културолошка иницијатива 5 до 12, JJ Adventures и едриличарски клуб Пират.

    „За првпат годинава на уникатен начин се чистеа плажите на Охридското Езеро на кои се пристигнуваше со суп-даски. Целта на оваа акцијата беше подигнување на еколошката свест за одговорност кон езерото и природата“, вели Ивона Велјаноска од СУП клубот Охрид.

    Петнаесеттина доброволци пријавени на повикот на социјалните мрежи ја изведоа еколошката акција „СУПер чистење со СУП даски“. (Фото: СУП клуб Охрид)

    СУП клубот Охрид за стоечко веслање на даска е основан во 2018. Членовите од овој клуб организираат тури и на уникатен начин им ги откриваат убавините на Охрид на странските и домашните туристи, но за жал неретко им го покажуваат и срамот на нашата негрижа кон природата.

    „Минатите години додека организиравме тури со туристите наидувавме на разни отпадоци кои ги собиравме пред гостите. Често и тие собираат отпад заедно со нас. Секогаш сме во вода и го собираме ѓубрето, но сега, заради подигнување на свеста кај граѓаните, организиравме една ваква акција. Скоро секоја тура која ја организираме за да им ги покажеме убавините на туристите ние собираме ѓубре. Глетката навистина не е пријатна. Работиме и со деца, тренираат кај нас и радува тоа што и тие реагираат на отпадот околу, па збираат сè што плови по вода“, вели Велјаноска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира