ПРЕД 100 ГОДИНИ ШТИПЈАНИ ДАВАЛЕ ЦЕЛА ПЛАТА ЗА ЕДЕН ЛЕТ НАД ГРАДОТ, СО ШТО ПОЧНАЛА ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКОТО ВОЗДУХОПЛОВСТВО

    ПРЕД 100 ГОДИНИ ШТИПЈАНИ ДАВАЛЕ ЦЕЛА ПЛАТА ЗА ЕДЕН ЛЕТ НАД ГРАДОТ, СО ШТО ПОЧНАЛА ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКОТО ВОЗДУХОПЛОВСТВОШтипските занаетчии биле првите кои летале со авион (Фото: Од архивата на Кадифкови)

    На спортскиот аеродром „Стенковец“ кај Скопје денеска се одржува голем aеромитинг со кој ќе се одбележат 100 години македонска авијација, за чиј почеток се смета основањето на аероклубот „Скопје“ во 1923. Речиси во исто време, и Штип ги запишал почетоците на својот прв аероклуб, откако градот почнале да го надлетуваат авиони. Денеска на аеромитингот, Штип ќе учествува со три авиони. 

    Точно пред 100 години, во Штип пристигнала веста дека во мај наредната година во градот за првпат ќе долета авион. Штипјани не верувале, но рано наутро на 19 мај 1924 над градот навистина почнал да кружи еден авион, а во наредните денови и уште неколку други.

    Авионите биле толку бучни што ги гледале и слушале во целата околија. По кратко време, еден од авионите атерирал на ливада кај Три Чешми, меѓу месноста Ежово Брдо и просторот каде што подоцна е изградена фабриката „Македонка“. Само што се спуштил, кај авионот се насобрале стотина луѓе, а тутунарите од околните ниви ја прекинале бербата.

    Детали за слетувањето на првиот авион ги имаа браќата Ристо и Љупчо Кадифков од Штип. Помладиот од нив пред да почине постојано ги раскажуваше доживувањата.

    Се смета дека Украинецот Јуришченко бил првиот пилот кој слетал во Штип, а подоцна со помош на Фердо Градишник и Матеј Шворц од Љубљана бил формиран и првиот аероклуб во градот (Фото: Од архивата на Кадифкови)

    Најголем интерес за авионот тогаш пројавиле штипските занаетчии кои барале авантура. Се договориле колку и да побара пилотот за еден лет, ќе платат. Се разочарале кога им било кажано дека желбата ќе им се исполни во септемрви, за празникот Мала Богородица, кога во Штип ќе имало аеромитинг.

    И навистина, за празникот се случило неколку авиони да прават акробации над градот и околината. И старо и младо отишло да ги види авионите кои слетале надвор од градот. Дури тогаш, на осумтемина познати штипски занаетчии им се исполнила големата желба да летаат со авион. Секој од нив платил по 12 динари, многу повеќе од нивната месечна заработувачка. Толку во тоа време изнесувала една солидна чиновничка плата или плата на инспектор.

    Три месеци во Штип и околијата само за тоа се зборело. Првите летови над градот ги инспирирале штипјани да формираат школа за пилоти, што претставува зачеток на еден од првите аматерски аероклубови во Македонија.

    Според архивата на Кадифкови, од овој клуб потекнуваат и првите воени пилоти во тогашна Југославија. Најдобрите, Киро Аџи Арсов и Тртков, биле одбрани да префрлат многу важен товар на кралот Караѓорѓевиќ од Бар. Подоцна се дознало дека тие превезувале еден тон кралско злато и дека по оваа акција требало да загинат, па биле пратени да летаат преку Средоземного Море и да се борат во Египет. Но, едниот од нив, Аџи Арсов, останал жив, се вратил во Македонија и продолжил да работи во штипскиот аероклуб како инструктор.

    По основањето на аероклубот се формирала и првата падобранска секција, меѓу кои имало и една жена (Фото: Од архивата на Кадифкови)

    Штип и аероклубот веќе почнаа да одбележуваат 100 години од првиот авион во градот под Исарот. Во 2009 од печат излезе посебна монографија на аероклубот, чиј автор е Тодор Кралев. Според неговите истражувања, првиот пилот кој слетал во Штип бил Украинецот Јуришченко. Со негова помош и со помош на словенечките пилоти Фердо Градишник и Матеј Шворц и група ентузијасти во Штип бил формиран првиот аероклуб.

    Десет години подоцна, во рамките на клубот проработила и падобранската школа. Првиот скок бил изведен во 1936. Падобранската школа работела долги години, но по осомостојувањето на Македонија престанала.

    Во последните години од поранешна Југославија речиси сите аероклубови во Македонија доживуваат сериозни кризи, а со натамошните трансформации само некои од нив успеаја да опстанат. Денеска на спортскиот аеродром „Сушево“ кај Штип со успех работи приватната аерошкола на семејството Иванов, кое изгради посебен хангар за спортски авиони и тренажер за обука на млади пилоти и падобранци.

    Во пензија заминаа искусните пилоти и инструктори кои го прославија аероклубот „25“ од Штип, Никола Петковски од Куманово и Борче Јанев од Битола. Раде Ивановски денес пилотира патнички авион во Африка, а Симеон Здравев и Лазо Камчев работат во САД. Традициите во Македонија ги продолжува Методи Стојанов, кој лета со авиони за гаснење пожар, додека искусниот пилот Митко Петешев замина во пензија.

    Од помладата генерација за споменување е професионалниот пилот Никола Ивановски, а и неговиот помал син е пред добивање сертификат за пилот. Никола Ивановски е еден од главните македонски консултанти во областа на воздухопловството и е инструктор за обука на млади пилоти.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира