Вработувањата кои се предвидени за оваа година се лица кои со години биле ангажирани преку Агенција за привремени вработувања и сега им го регулираме статусот, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.
Во ЈП „Комунална хигиена“ се предвидени 300 вработувања, а во ЈСП „Скопје“ 170, покажува програмата на двете претпријатија кои вчера беа усвоени на седница на Советот на Град Скопје. Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека 90 отсто од вработувањата се за работници, односно метачи и чистачи на улици.
„Не станува збор за нови вработувања, овие лица по десетина година работат во претпријатието, но никогаш не им бил регулиран статусот. Не станува збор за администрација или луѓе во мојот кабинет. На претпријатието му фалат уште 550 работници за чистење. Ние после многу години направивме систематизација на работните места и финансиски го консолидиравме претпријатието. Не значи дека сите овие 300 луѓе ќе се вработат годинава“, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.
Од ЈСП „Скопје“ каде според годишната програма се предвидени 170 вработувања велат дека 100 од нив се возачи, останатите се мајстори, а само десетина се во администрација.
„Оваа година 60 лица заминуваат во пензија, дел од предвидените вработувања се лица кои биле ангажирани преку Агенција за привремени вработувања. Не значи дека сите ќе бидат вработени, но мораме да направиме годишна програма“, велат од ЈСП „Скопје“.
А. АНТЕВСКА