Утрово прегазена е жена на улицата Антоние Грубишиќ, во близина на Министерството за култура. Жената е прегазена од комбе за дотур на стока.
Граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар маало” пред пред еден месец апелираше до Град Скопје и Општина Центар да го ограничат дотурот на стока во маркетите, пазарите, кафулињата и во кафеаните, да се врши до седум часот наутро.
„Пред еден час се случи нешто на што предупредувавме, апелиравме и пишувавме со години. Немањето слободни тротоари, нерешениот паркинг простор и доставата на стока во текот на цел ден го прави Дебар маало небезбедно“, велат од здружението „Во одбрана на Дебар маало“.
Од Општина Центар велат дека надлежни за ограничување на сообраќајниот режим и дотурот на стока се властите на Град Скопје.
Од Градот пак пред три недели објаснија дека дотурот на стока е веќе регулиран, а евентуални измени, како што посочуваат, може да направи Општина Центар.
„За измена на сообраќајната регулација, со која би се регулирал режим на дотур, асоцијацијата треба да се обрати до Општината да изработи сообраќајно решение, потоа Општината официјално да го достави до Град Скопје и доколку истото добие согласност од сообраќајна полиција да и се издаде согласност на Општината да го измени режимот на сообраќај и да постави нова сигнализација“, велат од Градот.
А. АНТЕВСКА