ПРЕКИНАТА СЕДНИЦАТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ОТИ СОВЕТНИЦИТЕ СЕ СКАРАА ЗА ДНЕВНИОТ РЕД

    ПРЕКИНАТА СЕДНИЦАТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ОТИ СОВЕТНИЦИТЕ СЕ СКАРАА ЗА ДНЕВНИОТ РЕДПо гласањето, произлезе дека 15 советници се за усвојување на дневниот ред додека 15 беа воздржани. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Тетово ја прекина 10-тата седница, бидејќи не можеше да се утврди дневниот ред. Советниците од опозицијата предводени од ДУИ бараа да се вметнат две нови точки на дневниот ред, додека од БЕСА и коалиционите партнери бараа прво да се верифицира мандатот на новиот советник од нивните редови, па потоа Советот да продолжи со работа. По гласањето, произлезе дека 15 советници се за усвојување на дневниот ред додека 15 беа воздржани. И покрај ваквиот резултат од гласањето, се настојуваше седницата да продолжи со образложение дека „и порано вака се работело“, но на инсистирање од опозицијата, првин беше дадена пауза, па потоа седницата беше прекината.

    „Денеска видовме како не се почитуваат и се прегазуваат регулативите и законските акти на Советот на Општина Тетово. Ова не е првпат да се прават вакви работи. И денеска имаше обиди да не се стават на дневен ред точки кои ние ги баравме, односно да информираат за договорот кој Општината го склучила со приватна фирма за нови вработување за општинските потреби. Исто така, баравме како точка на дневниот ред да се стави и информацијата и сите документи за реконструкцијата на улицата Страшо Пинџур“, изјави Блерим Османи од ДУИ.

    По гласањето за усвојување на дневниот ред, во кој не беа ставени точките што ги бараше опозицијата, дневниот ред не доби мнозинство гласови, а по консултации со правната служба од Општината, седницата беше одложена.

    „Седницата на Советот на Општина Тетово денеска беше прекината, бидејќи советниците не го изгласаа дневниот ред. Првата точка од дневниот ред беше верификација на мандатот на нашиот советник, но опозицијата ја блокира верификацијата. Не ја разбирам нивната ситуација и нивното мислење зошто така прават тоа, па со 15 гласови ‘за’ не можевме да ја продолжиме седницата. Тие бараа како прва точка од дневниот ред да се дискутира за реконструкцијата на улицата Страшо Пинџур, додека ние предложивме таа дополнителна точка да биде последна, но тие не се сложија со ова, сакаа прво за тоа да се дискутира и да прават шоу. Токму поради ова, за првпат во историјата на Советот на Општина Тетово, советниците не гласаа за верификација на мандат на советникот Феми Исмаили, кој беше избран од граѓаните на последните локални избори“, изјави Бесар Дурмиши, претседавач на Советот.

    Советот на Општина Тетово брои 31 советник. Коалицијата предводена од БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците имаат 14 советници, односно сега има 13, бидејќи еден советник од редовите на БЕСА по службена должност дал оставка на местото советник и сега на неговото место треба да се верификува мандатот на наредниот советник од советничката листа на БЕСА, додека на другата страна се ДУИ со 10 советници, СДСМ и ДПА имаат по два советника. Пресудно во гласањето се двата гласови од движењето „Подобро за Тетово“ кои својот глас го даваат, како што рекоа, за оние работи за кои сметаат дека се за доброто на Тетово, а овој пат тие се приклонија кон опозицијата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира