ПРЕКУ ФОНД ЗА РОМСКОТО НАСЕЛЕНИЕ 26 СЕМЕЈСТВА ОД БИТОЛСКИ БАИР СИ ГИ РЕНОВИРАА КУЌИТЕ

    ПРЕКУ ФОНД ЗА РОМСКОТО НАСЕЛЕНИЕ 26 СЕМЕЈСТВА ОД БИТОЛСКИ БАИР СИ ГИ РЕНОВИРАА КУЌИТЕДуваше, студено беше, а со реновирњето сега сме заштитени, вели битолчанката Зумрут Шабанова. (Фото: СДК.МК)

    Со новата фасада и дограма, условите за живот во домот на семејството Шабанови од битолски Баир станаа многу поквалитетни. Успеаја да го осовременат домот преку Фондот за реновирање на домаќинства на ромското население (HRF) откако со децении живееја со стари врати и прозорци и без молерисана фасада. Тие се едно од 26 домаќинства кои успеаја да направат градежни интервенции врз куќите, од поставување нова ПВЦ дограма, обновување фасади до замена на покривите преку проектот „БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ финасиран од ЕУ. Главниот услов беше објектите да им се легализирани, а во населбата голем дел од куќите се дивоградби.

    „Со реновирањето на домот заштитени сме од временските влијанија. И не само тоа, туку ни влегуваа кучиња, мачиња во куќата. Дуваше, студено беше. Сега сме заштитени“, вели битолчанката Зумрут Шабанова.

    Енгин Асмановски, покрај тоа што имаше среќа неговата куќа да добие нова фасада и дограма, беше и меѓу мајсторите ангажирани за изведување градежни интервенции врз објектите.

    „Куќата во која живеам е стара шеесетина години. Откако ја ставивме фасадата се затоплува подобро, со изолација се живее подобро. Направивме 19 фасади за 60 дена благодарение на проектот. Тоа беа стари куќи, на блокови, намалтарени, некои со тули, разрушени делови. Овој занает го работам осум години и навистина ми беше мило што гледав дека се вложува на Баир, дека некој мисли и на овие луѓе“, рече Асмановски.

    Енгин Асмановски, покрај тоа што имаше среќа неговата куќа да добие нова фасада и дограма, беше и меѓу мајсторите ангажирани за изведување градежни интервенции врз објектите. (Фото: СДК.МК)

    Беа инвестирани приближно 150.000 евра во 26 домаќинства во Баир, а поволностите ги чувствуваат 105 жители.

    „Селекцијата на домаќинствата се одвиваше низ транспарентен и отворен процес со учество на претставници од ромската заедница. На терен воочивме дека луѓето кои живеат на маргините немаат легализирани објекти и не можат да аплицираат на вакви повици. Во исто време утврдивме дека дел објекти се парцијално легализирани, други без статитичка адекватност“, вели Климентина Ѓоргиоска, проектен менаџер на „Баир – Здружена акција на Битола за вклучување Ромите“.

    Ѓоргиоска гледа на ова како на почеток за решение на системскиот проблем со неурбанизираноста на населбата. Преку проектот се вложија околу 200.000 евра за изработка на урбанистичка документација на 12 влезни студии, предлуслов за изработка на Генерален урбанистики план (ГУП) за Битола и 3 Детални урбанистички планови (ДУП) за Баир за површина од 30 хектари, што значи опфат на населбата во урбанистички рамки за првпат по 25 години. Тоа е повеќе од една третина од Баир, а постоечките урбанистички планови од 1998 година покажуваат друга слика. Потребна е урбанизација онаму каде што законот дозволува, а сепак да нема ни присилно иселување од од населбата.

    Проектот го реализираат ЦОСВ (COSV-, Фондацијата Преда Плус  и Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира