РОМИТЕ ОД БИТОЛСКИ БАИР ЌЕ МОЖЕ ДА ГИ РЕНОВИРААТ ДОМОВИТЕ ПРЕКУ ПОСЕБЕН ФОНД, НО САМО АКО НЕ СЕ ДИВОГРАДБИ

    РОМИТЕ ОД БИТОЛСКИ БАИР ЌЕ МОЖЕ ДА ГИ РЕНОВИРААТ ДОМОВИТЕ ПРЕКУ ПОСЕБЕН ФОНД, НО САМО АКО НЕ СЕ ДИВОГРАДБИВо Баир на улицата Караорман на два броја 103 и 111 има стотици куќи, а најголем дел се нелегализирани. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од ромската населба Баир во Битола, каде условите за живот се лоши, во септември годинава ќе може да аплицираат до Фондот за реновирање на домаќинства на ромско население (ХРФ) финансиран од ЕУ. Фондот ќе обезбеди средства за Ромите да направат градежни интервенции врз домовите, од поставување на ПВЦ дограма, обновување на фасата и реконструкција на покриви. Главниот критериум е објектот да е легализиран.

    На овој начин ќе се подобрат условите за домување во населбата, а во рамки на проектот „Баир – Здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ веќе е отворена канцеларија во месната заедница „Димитар Влахов“ која им помага на Ромите во постапките за легализација на објектите и да се подготват документација за користење средства од новиот фонд за реновирање.

    „Според критериумите, фондот ќе биде намемент за семејства кои имаат легализиран дом и имотен лист. Ние како тим за поддршка ќе им бидеме на располагање од 9 до 17 часот секој работен ден. За целиот процес планирани се инфосесии на неколку локации во населбата Баир со цел сите информации да ги добијат од прва рака. Во процесот за легализација се соочувавме со ред проблеми кои ги истакна самата заедница. Прво административни бариери, бидејќи дел од населбата Баир не е во Генералниот и Деталниот урбанистички план“, рече Ремзи Медик од тимот за логистичка поддршка.

    Во ромскиот дел од населбата Баир има голем дел нелегализирани објекти односно дивоградби. Дел од жителите веќе имаат поднесено барања за легализација, но некои и понатаму остануваат да живеат во дивоградби. Познато е дека на улицата Караорман на два броја 103 и 111 има стотици куќи, а најголем дел се нелегализирани.

    Преку проектот „Баир –здружена акција“ во реализација на COSV, Преда Плус Фондација и Општина Битола, се помага на Ромите кои имаат комплетна документација и поднесено барања претходно да си ги легализираат домовите. Во моментов, нема ново законско решение за легализација. Има 16 позитивно решени барања за баирската населба, а се очекува бројкат да биде зголемена.

    „Согласно законските регулативи, не се поднесуваат нови барања за легализација на бесправно изградени објекти. Општина Битола постапува единствено по веќе поднесени барања за легализација и тоа само барања кои се веќе комплетирани. Со новите законски измени во 2021 година се продолжи рокот за следните пет години само за веќе поднесени и комплетирани барања. Во Општина Битола поднесени се 17.543 барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, имаше застој во однос на процесот, но постапките почнаа да течат и веќе се решени над 2.000 предмети“, вели Стефанија Боцевска, советник во Одделението за имотно-правни работи во Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира