По алармантното повлекување на водата, Преспанското Езеро сега има длабочина од само 15 метри, а најдлабоките слоеви поради еутрофикацијата преку лето остануваат без кислород, посочија експертите на денешната трибина за спас на езерските води одржана во Ресен.
„Преспанското Езеро во последно време покажува премин од мизотрофен кон еутрофен карактер, што значи дека по сите параметри квалитетот на водата е во трета или четврта категорија. Сега подлабоки слоеви се оние на 13 до 15 метри, зашто поголема длабочина не можеме да најдеме во езерото. Во најдлабоките слоеви за време на летниот период се создаваат бескислородни услови. Кислородот е услов за живот, а со негово намалување, би дошло и до изумирање на живиот свет“, предупреди Елизабета Велјановска-Сарафилоска, директорката на Хидробиолошкиот завод од Охрид.
Таа додаде дека со промената на ниво на водата во последните 50 години настанува богатење на водата со нутриенти, што доведува до формирање на густа површина, поточно зголемување на хлорофилот и појавување на алгата. Понатаму, повлекувањето на езерото придонесува и за поместување на плодиштата на рибите.
„Ако дојде до фаза на еутрофикација, сите организми во езерото би биле во опасност. Не смееме да дозволиме уште повеќе да се намали водостојот. Причините за ова се климатските фактори, долгите периоди на суша, но и користењето на водите, за што немаме доволно податоци“, рече Робертина Брајаноска од МЕД.
На трибината присуствуваше и министерот за животна средина Насер Нуредини, кој рече дека во февруари била формирана неформална работна група за спас на езерото, но само што почнала со работа, пандемијата на ковид-19 ги успорила активностите. Сега се формира ново тело со претставници од трите држави кои го делат езерото, Македонија, Албанија и Грција.
„Ова езеро го делиме со Албанија и Грција. Грција веќе има човек во управувачкото тело, а се очекува и Албанија да назначи претставник. Сите три земји ќе мора активно да се вклучат во изнаоѓање решение“, рече Нуредини.
Тој додаде дека дури 40 проценти од водата во Охридското Езеро се добива од Преспанското. Тоа се празни преку карстната област на Галичица и подземно истекува кон Охридското Езеро. Поради ова, Преспа е од големо хидролошко значење и за водостојот на Охридското Езеро.
Ж. ЗДРАВКОВСКА