Претседателката на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека денеска си поднела оставка. Како што вели Белчева, за овој чекор се одлучила бидејќи не сака да биде дел од мнозинството во Општина Центар кое не е спремено за прогрес и транспарнтност, туку напротив дозволува назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси.
„Не сакам да сум во мнозинство кое лесно се приклонува калкулирајќи со личен бенефит или конфор, не сакам да сум со мнозинство кое нема капацитет ниту воља за размислување, за идеи, прашања, дебати, критички информации“, вели Белчева во својот статус на Фејсбук.
„Се оградувам од одлуките кои ќе се донесат на денешната седница на Советот, иако дел од предлозите се мои. Се оградувам, бидејќи Општината дозволи упад во процедурата на закажување продолжение на седица, одржува Совет кој не сум го свикала и селективно избира кој ќе биде информиран за присуство. Дополнително, со постапките денес се заобиколуваат и уредбите на Владата за работа на Советот. Се нема интерес да се дознае како се спроведуваат одлуките ниту надлежностите на службите во општината, нема интерес да се знае како се реализира буџетот за да се предвидат и предложат приоритетните активности, се нема иницијатива за прогрес, туку напротив, се дозволуваат назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси. Многу пати претходно бев ставена во позиција да потпишувам одлуки за кои сум гласала против, но мнозинството гласало за. Се оградував низ издвоени мислења, некогаш сама некогаш со други колеги“, вели Белчева-Андреевска.
Белчева-Андреевска, која беше носителка на советничката листата на СДСМ на локалните избори во 2017 како претставник на граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, платформа која подоцна прерасна во „Здравје пред профит во Центар“, ќе остане да биде независен советник во рамките на Советот на Општина Центар. Вели дека кога се нафатила да ја врши функцијата претседател на Советот на Општина Центар, верувала дека работата на општинските служби раководени од градоначалникот ќе бидат унапредени, а барањата на граѓаните и нивните сугестии ќе се слушаат и разгледуваат со респект.
„Сето ова е можно само ако внимателно се постават процесите за соработка, но и се внимава на составот на целиот тим, во овој случај и кој сè е член на Совет и кој раководи со општината. Групната хармонијаво Центар се потхранува и со неа се тргува, а тоа води кон неефективно донесување одлуки. Таа групна хармонија во Центар не е партиска, нема идеологија, туку е со друга поларизација, па затоа се случуваат екстремни, ризични, конзервативни или назадни решенија. Приклонувањето кон таква групна хармонија значи и лично помирување дека понапредни, поразумни или стручно-научно сугерирани одлуки се невозможни“, вели Белчева.
Јана Белчева-Андреевска за претседателка на Советот на Општина Центар беше избрана на 6 ноември 2017, со 15 гласа „за“ од СДСМ и со „6“ воздржани“ од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанската иницијатива „Здравје пред профит во Центар“ ја поддржа кандидатурата на сегашниот градоначалник Саша Богдановиќ, откако тој во својата програма ги стави барањата на граѓанската иницијатива.
„Платформата која води кон поквалитетен живот и која дава план како да се сопре урбанистичкото и еколошкото дивеење, а која што минатата недела ја објавивме како наш услов за поддршка на евентуален кандидат за градоначаник на Центар досега ја прифати само СДСМ“, рекоа тогаш од граѓанската иницијатива.
А. АНТЕВСКА