ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ НЕМА ДА СВИКА СЕДНИЦА ЗА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ КАЗАНДОЛ ВО ВАЛАНДОВО

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ НЕМА ДА СВИКА СЕДНИЦА ЗА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ КАЗАНДОЛ ВО ВАЛАНДОВО„Не се согласувам да закажам седница на Советот, на која што ќе се одлучува по прашањето за референдум за кој што Советот на Општина Валандово не е со закон овластен да одлучува. Бидејки не свикувам јас, колегите советници кои доставија барање за седница сами може да ја свикаат, и доколку имат мнозинство да донесат одлука за распишување референдум против рудникот Казандол“, вели Јасмина Сечкова (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Советот на Валандово Јасмина Сечкова се изјасни дека нема намера да свика вонредна седница, на која ќе се расправа за распишување референдум против рудникот Казандол. Ова е одговорот што таа им го достави до колегите советници кои пред 15 дена, согласно деловникот за работа на Советот, писмено побараа да свика седница на која ќе се расправа по иницијативата поткрепена со потписи од 2.213 граѓани на оваа општина според Законот за референдум.
    ,,Не се согласувам да закажам седница на Советот, на која што ќе се одлучува по прашањето за референдум за кој што Советот на Општина Валандово не е со закон овластен да одлучува. Бидејки не свикувам јас, колегите советници кои доставија барање за седница сами може да ја свикаат, и доколку имат мнозинство да донесат одлука за распишување референдум против рудникот Казандол“, рече Сечкова во интервју за Радио Валандово.

    Таа не беше достапна на телефон да одговори дали со овој потег се повлекува од функцијата советник избрана од редовите на ВМРО ДПМНЕ на последните локални избори

    Барањето за седница за распишување референдум врз основа на собрани потписи во ДИК го потпишаа шест советници. За да се одржи и да се донесе одлука потребен е кворум од осум, бидејки Советот на Општина Валандово брои 15 членови. Иницијаторите не прецизираа кога ќе закажат седница.

    Граѓанските активисти од „Спас за Валандово“ јавно ги повикаа останатите советници да го слушнат гласот на народот и во најбрз можен рок да свикаат седница на која ќе распишат референдум.

    „Остануваме на ставот дека е потребен референдум со две прашања: Дали сте за или против продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс Казандол, и Дали сте за или против отварање рудници за металични суровини во нашата општина. Во спротивно, повторно излегуваме на блокирање на патиштата околу Валандово“, велат од Спас за Валандово.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира