ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПРЕДЛОЖИ ХИБРИДЕН КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО ШТИП КОЈ ЌЕ БИДЕ И ЗА НАТО, А НОВАТА БОЛНИЦА СЕ ГРАДИ 9 ГОДИНИ

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПРЕДЛОЖИ ХИБРИДЕН КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО ШТИП КОЈ ЌЕ БИДЕ И ЗА НАТО, А НОВАТА БОЛНИЦА СЕ ГРАДИ 9 ГОДИНИПретседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во штипската касарна „Јане Сандански“ на одбележувањето на 18 Август, Денот на АРМ. (Фото: Претседателка на РСМ)

    „Зошто да не е можен НАТО Клинички центар, според врвните стандарди на Алијансата, кој што во мирнодопски услови би им бил на располагање на македонските граѓани, а во услови на евентуален конфликт би бил медицински центар за потребите на НАТО? Или, зошто еден хибриден модел на Клинички центар не би бил изграден овде во Штип, во град со извонредна стратешка локација, добра инфраструктурна поврзаност,  со државен универзитет, Медицински факултет пропратен со Клиничка болница и Студентски дом?“, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова  во штипската касарна „Јане Сандански“ на одбележувањето на 18 Август, Денот на АРМ.

    Според Сиљановска-Давкова, ваквите инвестиции би придонеле за обнова, заживување и препород на запустената, иселена и раселена Источна Македонија.

    Новата Клиничка болница во Штип која е во изградба, со години тапка во место.  Проектот е од времето на експремиерот Никола Груевски, а почна да се гради на 3 март 2016, кога камен-темелникот го поставија тогашниот технички премиер Емил Димитриев и министерот за здравство Никола Тодоров. Тогаш беше најавено дека вкупната инвестиција изнесува 56 милиони евра од кои 30 милиони евра отпаѓаат на градежните работи, а останатиот дел на опремувањето. И тогаш и сега планот е новата Клиничката болница да биде наменета за над 250 илјади граѓани од Источна Македонија. Меѓутоа, наредната година по ставањето на камен-темелникот со промената на власта изградбата почна да стагнира, а поради судските спорови со изведувачот на работите, грчката фирма „Интеркат“, работите неколку години целосно престанаа.

    Лани во јуни, премиерот Христијан Мицкоски рече дека повеќе години во Штип има мртов објект на кој не се работи ништо, па затоа приоритет на Владата од областа на инвестициите во здравството ќе бидат Клиничките болници во Штип и во Кичево. Тој рече дека на враќањето од Штип по пат ќе разговара со министерката за финансии да се најде решение за сите неопходни финансиски трансакции, со цел да продолжи изградбата на Клиничката болница во Штип како прв приоритет и така, според него, со забрзан чекор по чекор да се решаваат проблемите.

    Лани во декември, премиерот изјави дека владата започнала преговори со три моќни европски држави за доизградба на Клиничката болница во Штип.

    Оттогаш нема информации до каде е процесот на доградба на болницата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира