ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВЕН СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ СЕ ПАРКИРА СРЕДЕ УЛИЦА ЗА ДА ПАЗАРИ

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВЕН СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ СЕ ПАРКИРА СРЕДЕ УЛИЦА ЗА ДА ПАЗАРИДодека Вангеловски пазареше, не дојде пајак службата ниту сообраќајна полиција, па помина без казна. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски попладнево се паркираше на улицата Орце Николов во центарот на Скопје, каде што паркирањето е забрането. Вангеловски го остави својот автомобил на прометната улица, а потоа отиде во аптеката отспротива. Додека Вангеловски пазареше, поради неговото возило неколку пати настана застој на улицата, но не дојде пајак службата, ниту сообраќајна полиција, па помина без казна. Казната ако возилото е паркирано на улица и подигнато од пајак служба е 2.500 денари.

    На улицата Орце Николов се блокирани со коли и тротоарите, на кои за паркирање наплатува ЈП „Градски паркинг“. – Вангеловски се враќа од пазарењето (Фото: СДК.МК)

    На улицата Орце Николов постојано непрописно се паркираат автомобили. Граѓаните ги оставаат возилата на улица додека одат да пазарат или да пијат кафе во кафулињата и кафеаните. Блокирани од сите страни со коли се и тротоарите, на кои за паркирање наплатува ЈП „Градски паркинг“.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на 7 февруари најави дека изготвиле нов сообраќаен проект за Орце Николов со кој ќе се ослободат тротоарите од коли. Богдановиќ ги повика и граѓаните да дадат свои предлози за решението.

    Според проектот, ќе се реконструира коловозот со површина од 9.330 метри квадрати. На селектирани локации ќе се изврши подигнување на улицата, односно ќе бидат поставени пет подигнати премини кои ќе служат како легнати полицајци и ќе придонесат кон нормализирање на брзината на движење на возилата. На крстосницата со улицата Аминта Трети (Ленинова) ќе се изведе кружен тек. Ќе се воведе паралелно паркирање на ниво на улицата со џебови за паркирање. Во проектирање на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира