ПРЕВОЗНИЦИТЕ НАЈАВИЈА ПРОТЕСТ, А БИТОЛСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГИ ПРЕСЕЧЕ КОРУПТИВНИТЕ ЗДЕЛКИ ДО ДАСКА

    ПРЕВОЗНИЦИТЕ НАЈАВИЈА ПРОТЕСТ, А БИТОЛСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГИ ПРЕСЕЧЕ КОРУПТИВНИТЕ ЗДЕЛКИ ДО ДАСКАПротестот на превозниците е пријавен и во МВР и ќе се одвива во понеделник од 9 до 11 часот на Булеварот „Први Мај“ во Битола. - Општина Битола (Фото: СДК.МК)

    Протест со паркирање на автобусите пред општинската зграда најавуваат превозниците на линискиот општински превоз за в понеделник, кога на седница на Советот на Општина Битола треба да се донесат измените на тарифникот за превоз на ученици. Градоначалничката Наташа Петровска, пак, одговара дека донесени се законски измени со кои превозот на учениците е изедначен со оној на останатите патници во линискиот превоз и нема да дозволи да продолжат коруптивните зделки „до даска“, што биле правени претходно со превозот на учениците.

    Протестот на превозниците е пријавен и во МВР и ќе се одвива во понеделник од 9 до 11 часот на Булеварот „Први Мај“ во Битола. Тие во писмен допис до Општината соопштија дека не биле воопшто консултирани за измената на тарифите и дека предложените цени се економски неисплатливи.

    „Со предложените решенија ни се предизвикува ненадоместлива штета што е спротивно на економските законитости. Во случај да бидат усвоени предложените измени ве известуваме дека нема да бидеме во можност да продолжиме со вршење на превозот. Секоја промена на тарифата значи повреда на важечките договори. Ние не сме подготвени тоа да го прифатиме и доколку ни наметнете обврска да го вршиме превозот по новата тарифа, ние ќе прекинеме со вршење на превозот поради економска неисплатливост“, стои во соопштението.

    Тоа е потпишано од девет превозници, меѓу кои има и фирми што се споменуваа како обвинети во случајот „Транспортер“, но вршат линиски превоз.

    Од Општината возвратија дека цените за учениците ќе бидат како и за останатите патници. Градоначалничката Наташа Петровска вели дека повеќе нема да има цена од 290 денари за превоз на ученик од селото Братиндол оддалечено неколку километри до Битола. Според новиот тарифник едно возење до таму ќе чини 35 денари.

    „Свесни сме дека во изминатиот период поединци, но и политички структури дебело се нафатираа на грбот на учениците. Парите кои завршуваа во приватни џебови треба да завршуваат за подобрување на условите во училиштата, санирање на дограма, тоалети, набавка на нагледни средства. Како ќе течат работите од другата страна не сакам да коментирам, но најавувам дека како градоначалник сѐ ќе направам за конечно битолските училишта да не се урнисуваат на начин како што тоа било правено во изминатиот период“, рече Петровска.

    Таа уште додаде дека имало ситуација од превозник на линискиот превоз на одредени места да не им се дозволува на учениците да се качат дури и кога тие сакаат да платат.

    Во меѓувреме, денес е трет ден како учениците се оставени без бесплатниот школски превоз. Учениците од пограничните села не посетуваат настава, а оние од Ресен и Могила доколку имаат пари доаѓаат на своја сметка, а некои не се појавуваат на часовите. Со носење на тарифникот во понеделник треба да продолжи бесплатниот школски превоз преку редовните автобуски линии. Парите кои досега ги платиле родителите се бараат законски начини да се рефундираат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира