Велешанката Ф. С. (24) доби мерка притвор откако изминатите неколку дена извршила повеќе кривични дела – Загрозување на сигурноста од член 144, Насилство врз дете од член 201-а и Предизвикување општа опасност според член 288 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од Обвинителството, таа ги извршила делата последователно, првото на 10 февруари, кога при семејно насилство му се заканила на сопствениот татко дека ќе го убие. Влегла во неговиот дом кршејќи ја вратата, па кога не го нашла, се упатила кон автобуското стојалиште, каде го затекнала оштетениот и му упатила отворени закани со намера да го вознемири и заплаши.
„Осомничена е дека на 12.02. извршила физичко насилство врз дете родено во 2011 година, така што најнапред започнала вербална расправија, а потоа детето го удрила со нога во стомакот. Подоцна истиот ден се појавила пред домот на оштетените со стап во раката и им се заканила на девојчето и нејзината мајка дека ќе ги убие, со што кај нив предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв. Исто така, на 14.02. го забележала девојчето во дворот на семејната куќа и почнала да фрла камења кон детето. Девојчето побегнало, а осомничената продолжила да фрла камења кон паркинг каде што имало паркирани возила и ученици кои чекале превоз. На тој начин предизвикала значителна опасност за животот на присутните и оштетила два автомобила“, соопштија од ОЈО Велес.
Бидејќи постоеле околности кои укажувале дека осомничената Ф. С. би можела да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, но и поради опасноста да ги повтори кривичните дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес доставил предлог за определување мерка притвор. Судот го прифатил предлогот и ја определи притворската мерка за осомничената.
СВР Велес претходно информираше дека во полиција има неколку пријави против Ф. С.
„На 10.02.2025 ја оштетила влезната врата и одзела пари и други предмети од домот на нејзиниот 56-годишен татко, по што и му се заканила. На 12.02.2025 на улица Благој Ѓорев во Велес физички ја нападнала малолетната ќерка на О. Т. за подоцна во дворот на 48-годишната О. Т. од Велес да фрла тврди предмети и да им се заканува на нејзе и на нејзиното семејство со остар и дрвен предмет. На 14.02.2025 кон дворот на 48-годишната О. Т., каде во моментот се наоѓала нејзината малолетна ќерка, фрлала тврди предмети, при што оштетила неколку возила што биле паркирани на улицата пред нивниот дом“, соопштија од СВР Велес.
П. ПЕЧКОВ