ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ УШТЕ НЕ СЕ ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ

    ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ УШТЕ НЕ СЕ ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕПриватните превозници велат дека од Градот им било кажано ОТИ утре ќе се разгледуваат понудите доставени на огласот. (Фото: К. Попов)

    Приватните превозници уште не се вклучени во јавниот превоз на Скопје. Од Град Скопје на први март кажаа дека постигнале договор со превозниците, ќе се распише нов оглас и кон крајот на март тие ќе бидат повторно дел од превозот во градот. Но, приватни автобуси ниту има на улиците, ниту се најавува кога ќе се вратат.

    Огласот заврши на 21 март и тогаш градоначалничката Данела Арсовска кажа дека, за разлика од првите два огласи кога немаше пријавено ниту еден превозник, сега стигнале понуди кои во наредните денови ќе ги разгледува комисија од Град Скопје. Од тогаш поминаа 15 дена, но одлука за враќање на приватниците уште нема.

    „Кажано ни е дека утре комисијата ќе ги разгледува понудите, по што очекуваме за брзо време да се вратиме на улиците“, вели Јовица Зафировски, член на приватните превозници.

    Градоначалничката Арсовска откако во декември се скара со приватните превозници велеше дека тие не му требаат на јавниот превоз, дека ЈСП „Скопје“ има доволен капацитет и автобуси да ги замени овие линии и дека пари веќе нема да одат во приватни џебови. Но три месеци подоцна, градоначалничката објави оглас со кој сè се враќа по старо.

    Огласот беше за 16 линии односно за линиите со број 9,11,11А,12,19,20,22,23,45,47А,52,54,55,61,63 и 73. Линиите се поделени во три пакети, за 115 автобуси и 245 возачи.

    Различно во огласот е само тоа што на него не смеат да настапат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, со кои Арсовска рече дека нема да соработува, туку истите превозници ќе бидат организирани преку нови три фирми.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира