ЈП „Водовод и канализација“ за проектот изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје ја доби втората награда во изборот за одржливост на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Проектот ја освои втората награда во категоријата климатска обнова и одржливост во конкуренција со 47 номинации, од кои вкупно 16 компании од 11 земји од светот беа избрани за добитници на овогодинешните награди.
„Навистина сум горд и среќен што по 15 години, од кога постои самата идеја, токму сега, во овој период, почна реализацијата на овој капитален, еколошки проект, чија вредност и значење се потврдени со освојување на втората награда на ‘Sustainability Awards 2020’, доделена од страна на ЕБОР. Испишуваме нови страници во историјата на Град Скопје и оваа награда е само уште една потврда за нашите заложби, посветеност, професионалност и поставување на нови стандарди не само во работните процеси туку и во општеството и во заштитата на животната средина“, вели директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски.
За изградба на пречистителната станица во тек е тендерот за избор на фирма изведувач кој, како што објаснуваат во претпријатието, треба да биде завршен до крајот на годинава. Станицата ќе биде со капацитет од еквивалент на 500.000 жители, ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе делува и на намалување на загадувањето на реката Вардар, подобрување на условите во животната средина, а воедно и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Скопје. Со изградбата на пречистителната станица, до 2025 нашата држава ќе има над 90% прочистени води што е еден од критериумите кои треба да се исполнат при отворање на преговорите со ЕУ.
Изградбата на пречистителната станица чини 136 милиони евра, а парите се обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.
А. АНТЕВСКА