ПРОФЕСОРКА ОД ТЕТОВСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛА НА СТУДЕНТИТЕ ОТИ НЕ Ѝ СЕ ДОПАЃАЛЕ КОМЕНТАРИТЕ НА ФЕЈСБУК

    ПРОФЕСОРКА ОД ТЕТОВСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛА НА СТУДЕНТИТЕ ОТИ НЕ Ѝ СЕ ДОПАЃАЛЕ КОМЕНТАРИТЕ НА ФЕЈСБУКСтудентоте денеска протестираа против професорката, а в понеделник за случајот ќе одлучува дисциплинската комисија на Универзитетот. (Фото: СДК.МК)

    Студентите од Факултетот музичка уметност при Државниот универзитет во Тетово денеска протестираа незадоволни од односот кој професорката Бесијана Мемеди го имала кон студентите. Тие се пожалија дека професорката вршела булинг врз студентите, им се заканувала, а чашата на незадоволството прелеала кога се заканила дека ќе ги фати за врат, бидејќи била незадоволна од коментарите на студентите на нејзина објава на Фејсбук.

    „Има многу генерации студенти кои ја преживеале тортурата со уцени и закани од професорката Бесијана Мемеди. Затоа ние решивме повеќе да не го трпиме нејзиниот терор и затоа реагираме. Ние како студенти на секое предавање бевме изложени на психичка тортура, систематски булинг и навреди, а последниот случај беше кога ни се закани дека ќе нè фати за врат само затоа што не била задоволна од коментарите на студентите на нејзина објава на Фејсбук. Таа редовно следи кој што пишува и коментира за неа на Фејсбук и им се заканува на тие што ќе напишат нешто, а што не ѝ се допаѓа. Затоа, бараме од Државниот универзитет во Тетово да преземе адекватни мерки кон оваа професорка, поради нејзиното неетичко однесување кон студентите“, изјави студентот Арди Лена.

    Студентите рекоа дека професорката го предава предметот Историја на музиката, но дека таа не е стручна да го предава тој предмет бидејќи завршила соло пеење. Тие, исто така, велат дека таа им давала на студентите да потпишат бланко изјава, а потоа додавала текст во кој пишувала пофални зборови за неа и изјавите ги доставувала до Ректоратот како знак за поддршка од студентите за неа.

    Од Ректоратот на Државниот универзитет во Тетово велат дека знаат за случајот со оваа професорка и дека ќе го разгледа Дисциплинската комисија.

    „Имаме реакција на студенти кои се незадоволни од професорката. Овој случај е даден на Дисциплинската комисија на Факултетот, која ги слушна изјавите и на едната и на другата страна. Дисциплинската комисија ќе има состанок в понеделник, кога треба да одлучува за случајот“, изјави Нафи Јашари, декан на Факултетот за ликовна и музичка уметност.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира