ПРОФИТОТ ГО ПОБЕДИ ЗДРАВЈЕТО, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ПО ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ДА ГО УКИНЕ МОРАТОРИУМОТ ВО ЦЕНТАР

    ПРОФИТОТ ГО ПОБЕДИ ЗДРАВЈЕТО, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ПО ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ДА ГО УКИНЕ МОРАТОРИУМОТ ВО ЦЕНТАРЗдруженијата на граѓани прашуваат зошто Уставниот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана за четирите ДУП-а во Карпош, а едниот од тие ДУП-ови е токму тој каде што никнаа зградите на земјиштето на бивш „Имес“ за што во вторникот беше уапсен ексградоначалникот Стевче Јакимовски. Уставниот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана и за општина Гази Баба за ДУП-от каде што може да се гради Г1-тешка индустрија. - Илустрација на Зоран Кардула

    Откако вчера Уставниот суд времено го укина мораториумот на градба во Општина Центар, од „О2 иницијатива“ побараа од Антикорупциската комисија да го испита постапувањето на уставните судии, а од Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на нивната работа поради, како што велат од невладината организација за заштита на животната средина, основаното сомневање за начинот на работење на уставните судии, нивната независност и застапување на одредени интереси.

    Од „О2 иницијатива“ прашуваат зошто Уставниот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана за четирите ДУП-а во Карпош, а едниот од тие ДУП-ови е токму тој каде што никнаа зградите на земјиштето на бивш „Имес“ за што во вторникот беше уапсен ексградоначалникот Стевче Јакимовски за злоупотреба на службената положба. Уставниот суд, потсетуваат од невладината, не донесе времена мерка, иако беше побарана и за општина Гази Баба за ДУП-от каде што може да се гради Г1-тешка индустрија.

    „Поради основаното сомневање за начинот на работење на Уставните судии, нивната (не)зависност, застапувањето на одредени интереси, бараме од Државната комисија за спречување на корупција да го испита постапувањето на уставните судии, а Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на нивната работа“, велат од „О2 иницијатива“.

    „Можеби не е погрешно ако констатираме дека градежната мафија ги има во свои раце сите институции“, реагираше граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“.

    Од платформата „Здравје пред профит во Центар“ за одлуката на Уставниот суд искоментираа: „Профитот го победи здравјето“.

    И претседателката Советот на Општина Центар Јана Белчева, која стана советник како предлог на невладините и неформални организации во општината вели дека со одлуката на Уставниот суд победиле предаторските интереси, на сметка на принципите.

    „Граѓаните застанаа зад одлуката за мораториумот. Колку и да изгледаше изненадувачка таа одлука, сепак ја доби поддршката на пошироката јавност. Сакавме да покажеме дека промени се можни и на општинско ниво и дека општината може да се развива според принципи, а не според предаторски интереси. Но, тие победија“, изјави Белчева за БИРН.

    Таа додаде дека со стручни анализи докажале дека плановите не се во согласност со Генералниот урбанистички план и дека не придонесуваат за квалитетен развој, хумани услови за живот, безбедност и здрава животна средина, а таквите планови сега повторно влегуваат во сила.

    Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК објавено на 18 март изјави дека „мораториумот беше единствениот начин да се ревидираат постоечките планови и да се постигнат похумани услови за живеење за жителите на нашата општина“.

    Тој тогаш изјави дека се надева оти „Уставниот Суд ќе ги земе во предвид ефектите кои се постигнаа со мораториумот, а тоа се првите ревидирани планови кои во целост одговораат на потребите на граѓаните“. Но, тоа не се случи.

    Мораториумот за градба беше донесен со одлука на Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017.  Беше стопирана реализацијата на 31 Детален урбанистички план (ДУП).

    На 14 март оваа година беа изгласани првите два ревидирани планови со кои беше избришана една зграда и хотел и додадено повеќе зеленило.

    За урбаниот развој на центарот на Скопје ќе се дискутира денеска на форумот „Шанса за Скопје: Во каков град сакаме да живееме“, кој ќе се одржи во „Холидеј Ин“ со почеток од 14 часот. Форумот ќе биде поделен на три панел сесии на теми:

    • Модели на одржливо општинско финансирање кои не зависат од таксите од градежни дозволи
    • Урбанистичкиот план како алатка за подобрување на квалитетот на животот во градот
    • Феноменологијата на градскиот простор

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира