Пропадна јавниот повик на Град Скопје за избор на приватни превозници кои ќе одржуваат дел од линиите од јавниот превоз бидејќи ЈСП „Скопје“ нема доволен капацитет да ги одржува сите линии. Градоначалничката Данела Арсовска вчера прашана од новинарите дали е пропаднат тендерот и како планира сега Градот да го решава колапсот на јавниот превоз, само кусо одговори дека нема проблем и на улиците има автобуси.
„Беше објавен јавен повик на кој на сите домашни привни лица кои сакаат чесно да ја работат оваа дејност, им беше дадена можност да си се пријават. Доколку не се пријават тоа кажува многу што се однесува за овој оглас. Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа и ќе набавиме нови автобуси“, рече Арсовска и ја напушти прес-конференцијата не дозволувајќи да се постават дополнителни прашања.
Арсовска тврди дека ЈСП „Скопје“ ги надополнува сите линии и без проблем го одржува јавниот превоз, а распиша два огласи за приватни превозници на линиите 9,11,12,20 и 22. Не сакаше да одговори на прашањето зошто ако нема потреба, има доволно автобуси на ЈСП и тие редовно сообраќаат, го распиша огласот во кој стоеше дека има потреба од 48 автобуси и 103 возачи.
И да се набават нови 50 автобуси како што вели Арсовска, тое е постапка која трае. Со оглед дека до сега нема никакви активности во врска со оваа нејзина најава ќе биде потребно најмалку година и половина да се набават автобусите. Треба да се распише тендер кој е отворен најмалку еден месец, потоа следи изборот, па жалбена постапка, односно два до три месеци се потребни тој да се заврши ако е успешен. Потоа автобусите треба да се произведат и испорачаат. Тоа значи дека најмалку година и половина во Скопје ќе нема редовен автобуски превоз односно ќе фалат автобуси за да се одржуваат линиите.
Веќе трет месец јавниот превоз во Скопје е во колапс, автобусите се редуцирани, а кога ќе дојдат на станица се преполни. Откако приватните превозници престанаа да возат оти не им е исплатен долг од 1,5 милиони евра, на улиците нема доволно автобуси, па патниците со саати стојат на постојките. Наутро и попладне автобусите се преполни, патниците не можат да се качат и чекаат да дојде друг автобус кој исто така е полн. Се доцни на работа, на училиште, на лекарски преглед, а попладне граѓаните не можат да стасаат дома.
Градоначалничката Арсовска како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите победи со ветувањето за брз, ефикасен и бесплатен јавен превоз, како и набавка на 250 еколошки автобуси. Во првата година од мандатот не само што ова ветување не го исполни туку јавниот превоз во градот е во колапс, а за прв пат во историјата Скопје еден ден остана и без него откако возачите на ЈСП „Скопје“ не возеа бидејќи немаа земено плата.
А. АНТЕВСКА