ПРОТЕСТ НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ, ОД ФОНДОТ БАРААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ПО ПАЦИЕНТ

    ПРОТЕСТ НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ, ОД ФОНДОТ БАРААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ ПО ПАЦИЕНТНа протестот на матичните лекари им се приклучија и стоматолозите. (Фото. СДК.МК)

    Со протест пред просториите на подрачната единица на Фондот за здравство (ФЗО), матичните лекари од Велес го искажаа незадоволство од состојбата во примарното приватно здравство. Ним им се приклучија и стоматолозите. Денес во знак на револт протестираа сите приватни лекари од земјава, со тоа што не примаа пациентите за користење Мој термин туку само итни случаи. Бараат промена на вредноста на капитацијата по пациент што ја плаќа Фондот.

    „Проблемите на матичните лекари дојдоа до највисока точка на аларм. Ние го чуваме здравјето на граѓаните, потребена е почит кон докторите и медицинските сестри. Време е здравствените власти да стават приоритет за решение на проблемите на докторите од приватното здравство. Имаме и решенија, само да се ослободи режимот на препишување лекови, ќе се ослободат 300 илјади упати или во средства 2 милиони евра. Непотребно се малтретираат пациентите со правилници од пред 20-30 години. Еве денес ни се придружија и матичните стоматолози, кои исто така имаат свои проблеми“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ).

    Лошата состојба со матичните лекари предизвикало последните пет години од 1.800 бројот на доктори да се симне на 1.436. Тие потсетија дека во јавното здравство платите неколку пати се покачиле, додека кај нив капитацијата е 63 денари.

    „Пет години не е променета вредноста која се добива за лабораторија, 80 илјади денари за еден месец. Во меѓувреме скокнаа цените и на реагенсите и минимална плата, се покачи струјата, има потреба од набавка или поправка на апарати. Како со овие средства кои ги добиваме, да се обезбедаи плата за персоналот, но и за материјали за работа?“, рече д-р Валентина Ристеска-Нејашмиќ.

    Матичен лекар од село Лозово го кажа неговото искуство со малиот број пациенти во малите населени места.

    „Бројот на пациенти постојано, секој месец се намалува. Ние сме двајца доктори, и со оваа капитација тешко опстануваме. Ако продолжи вака, амбулантата ќе ја затвориме за некој месец“, рече д-р Слободан Јовановски.

    На протестот имаше и десетина доктори стоматолози од примарното здравство од Велес.

    „И ние сме дел од тоа примарно здравство и се соочуваме со истите проблеми. Капитациниот бод е 48 денари, недоволно за основен преглед. Материјалите за работа, струјата, се покачија, растат расходите за плати и придонеси. Иселувањето на младите придонесува за намалување на бројот на пациенти, па секој месец имаме сè помалку средства од капитацијата. Ценовникот за услугите кои се на товар на Фондот за здравство не е променет од 2009 година“, вели стоматологот д-р Аленка Гајдова.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира