ПРОТЕСТ НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ ВО БИТОЛА, ОПШТИНАТА НАЈАВИ ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ТОЧКАТА ЗА ИЗМЕНИ НА ТАРИФНИКОТ

    ПРОТЕСТ НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ ВО БИТОЛА, ОПШТИНАТА НАЈАВИ ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ТОЧКАТА ЗА ИЗМЕНИ НА ТАРИФНИКОТПревозниците велат дека новите цени во тарифникот за превоз на ученици им се економски неисплатливи (Фото: СДК.МК)

    Со паркирање на автобусите на булеварот Први Мај девет битолски превознички компании протестираа против најавените измени во тарифникот за превоз на ученици. Тие денес не ги возеа ни редовните линии на градскиот превоз. Превозниците велат дека новите цени им се економски неисплатливи.

    „Никој не нè удостои од Општина Битола да ни каже како го утврдија тој тарифник. Можам да кажам дека ако била фактурата 120.000 денари месечно, сега треба да слезе на 30.000. Возам три линии во кои се шест возачи, три возила, дневно трошиме по околу 200 литри гориво. Новиот тарифник за нас не е исплатлив. Има села како Братиндол каде две деца се и за која пара ние четири пати во денот да одиме дотаму? Ние не сме ни СДСМ, ни ВМРО-ДПМНЕ, овде може има и од двете партии по свое убедување, но овде се работи за живот. Немаме пари плати на шоферите да им дадеме, леб дома да однесеме“, вели Пеце Стојчевски од „Лука експрес“.

    Превозниците се жалат дека месечниот билет од 600 денари ќе значи да возат во еден правец за 12 денари, што е неисплатливо во услови кога растат цените на горивото.

    „Тука се работи за недоволен број патници. Во селските линии немаме ни еден патник. Селските линии беа оформени за да им излеземе во пресрет на учениците за бесплатниот превоз. Ни еден друг патник не влегува во автобусот. Во градскиот превоз има нелојална конкуренција, односно диви таксисти. Од претходно имаме големи ненаплатени побарувања“, рече Лидија Мицевска од „Хера турс“.

    Иако меѓу компаниите кои протестираа има и обвинети во случајот „Транспортер“ на СЈО, превозниците велат дека се навредиле од изјавата на градоначалничката Наташа Петровска оти имало коруптивни договори до даска.

    „Повредени сме оти постојано се споменува корупција, а не знаеме кој е корумпиран. Нека имаат смелост да кажат кој е корумпиран. Нас сите нè фатија, но нека ги земат цедињата од јавното обвинителство и нека проверат која фирма има плус или минус фактурирано и сите да нè ги ставаат во ист кош“, рече Новка Димовска од „Хера превоз“.

    Од Општина Битола преку писмено соопштение јавија дека точката од дневен ред на седницата на Советот е повлечена. Од таму велат дека на 5 октомври попладне превозниците доставиле писмо со кое ги информирале дека денес ќе имаат протест во периодот од 9 до 11 часот, не споменувајќи дека изутрина нема да ги возат учениците и останатите патници.

    „Во текот на вчерашниот ден во функција на отвореност на Општината, беа информирани дека точката од дневен ред ќе биде повлечена. Дополнително, утрово истото им беше потврдено на е-адресите на превозниците. За жал, нивниот избор беше сепак да не возат. Од овие причини, сметаме дека денешниот протест на превозниците е непотребен и неоснован и останува нејасно прашањето кој е мотивот за ваквото однесување на превозниците“, соопштија од Општина Битола.

    По повлекувањето на точката, градоначалничката Наташа Петровска рече дека останува отворена за дискусии со превозниците, но останува и на ставот дека нема да дозволи никакви условувања и ништо што би било на штета на учениците.

    Превозникот Александар Стојчевски во изјава за новинарите ја обвини Општината дека денес додека превозниците протестирале, на црно пуштила автобуси да превезуваат ученици .

    Петровска одговори дека Општината има свое регистрирано превозно средство, вработен шофер и нема да дозволи учениците наместо на училиште да седат по улици.

    „Ќе го вложам максимумот и работам во таа насока зашто не можам да предвидам до која граница ќе одат превозниците, па моја должност е да ги направам сите мегханизми и напори за следните денови што помалку ученици останат без превоз до училиштата. Она што го направиив воопшто не е незаконито. Јас не превезувам други патници туку ги превезувам учениците до училиштата чиј основач е општина Битола“, рече Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира