Граѓани се собираат пред седиштето на општина Аеродром каде што Советот попладнево ненадејно реши да расправа за донесувањето на спорниот Детален урбанистички план со кој се предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар и кој беше еднаш повлечен по протестите на жителите.
Протестот е пред општинската зграда додека советниците расправаат за донесувањето на планот што како вонредна точка на дневен ред во последен момент ја стави градоначалникот Ивица Конески. Ова се случува непосредно пред крајот на мандатот на овој состав на општинскиот совет и на градоначалникот Конески.
Советникот Златко Марин на својот фејсбук профил повика на граѓански отпор. „Овој ДУП е оној со којшто ќе се предизвика еколошка катастрофа во Аеродром. Со него се предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар За овој ДУП имаше голем граѓански отпор преку акцијата Аеродром сака да дише. Апелирам граѓаните и медиумите да го следат ова самоволие на Коневски, бидејќи ова не смееме да дозволиме да се случи. Најавувам силен отпор на ваквата одлука и борба до крај!“, објави на својот фејсбук профил советникот Златко Марин.