Протестите на стружани кои бараат да се реши проблемот со дивата депонија која деновиве ја труе Струга вродија со плод.
Со булдожери, камиони и друга механизација вечерва започна санацијата на дивата депонија во Струга кој веќе неколку дена е запалена.
“ Донесовме булдожери, камиони и друга механизација со која се прави пат за да можат да пристапи до депонија. Кога ќе се направи патот, веднаш ќе се почне со гаснење и со затрупување. Ќе се работи цела ноќ и ден“, изјавија дел од работниците за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Стружани протестираа против дивата депонија, која што гори од средата попладне. Тие побараа од локалната и централната власт веднаш да преземат мерки за да се спречи натамошно опожарување на депонијата, бидејќи се наоѓа на само 500 метри од првите населби во Струга. Со години оваа депонија секое лето гори и ја труе Струга, и покрај ветувањата и од локалната и од централната власт дека ќе се најде решение, досега решение нема.
Мустафа Забзун, в.д. градоначалник на Струга, кој го наследи пратеникот Зијадин Села, денес изјави дека депонијата вчера се запалила еден час по посетата на министрите за екологија и без ресор Садула Дураку, Рамиз Мерко и Зоран Шапуриќ.
„Овие министри вчера дојдоа за да разговараме да се најде решение за депонијата. А еден час по посетата таа почна да гори, што остава сомнеж дека пожарот можеби е намерно подметнат. Цела ноќ го гасевме пожарот. Сега не гори, но чади. Стружани денес протестираа, некои со право, некои за да ќарат политички поени. И јас протестирам во себе, бидејќи сум стар стружанец и мене овој проблем ме мачи. Проблемот со депонијата не е од вчера, туку е десетина години“, вели Забзун.Тој објаснува дека во моментов не можат да ја дислоцираат депонијата на друго место, туку само да ја конзервираат, односно да го израмнат ѓубрето и да го тампонираат.